Одлуката на Емануел Макрон да свика два круга на избори на 30 јуни и 7 јули се гледа од ривалите и сојузниците како непромислена игра која би можела да ја предаде политичката моќ на екстремната десница. Тој сака да ја врати контролата врз француската политика, но според анкетите, тоа нема да се случи, се наведува во анализата на Би-Би-Си.
Зошто Франција одржува избори?
Еден час откако екстремно десничарската партија Национален собир на Џордан Бардела и Марин Ле Пен го прегази сојузот на Емануел Макрон „Обновување“ на европските избори, францускиот претседател излезе на телевизија и рече дека не може да се однесува како ништо да не се случило.
Откако Национален собир освои 31,4 отсто од гласовите наспроти 14,6 отсто од неговата партија, тој рече дека е време францускиот народ и политичарите „кои не се препознаваат себеси во екстремистичката треска“ да изградат нова коалиција.
Што мислеше Макрон?
Очигледно Макрон размислуваше за распишување избори со месеци, но Франција е зафатена со подготовките за Олимпијадата во Париз од 26 јули до 11 август.
Тој јасно сакаше да го скрши метежот, по неговиот неуспех да обезбеди апсолутно мнозинство во Националното собрание во јуни 2022 година. Донесувањето закони стана вистинска главоболка – тој мораше да ги донесе пензиските реформи без гласање додека построгите правила за имиграција бараа поддршка и од Национален собир.
„На Франција и треба јасно мнозинство ако сака да дејствува во спокојство и хармонија“, тврди г-дин Макрон. А сепак тој ја остави француската политика во немир.
Неговата центристичка алијанса на Renaissance, Horizons и MoDem е на третото место.
Социјалистите формираа Нов народен фронт со Зелените, екстремно левичарската LFI и комунистите.
„Оваа одлука создаде насекаде во нашата земја, кај францускиот народ, загриженост, неразбирање, понекогаш гнев“, вели министерот за финансии Бруно Ле Мер.
Зошто овие избори се толку значајни?
Национален собир може да ја освои моќта во Франција за прв пат. Таа е предводена од 28-годишниот Џордан Бардела, а во парламентот од Марин Ле Пен, која три пати се бореше за претседателската функција и секој пат губеше. Но, секој пат таа освојуваше повеќе гласови од претходно. Сега анкетите велат дека нејзината партија би можела да стане најголемата во Франција, без апсолутно мнозинство. Не заостанува во анкетите широкиот левичарски сојуз, а во нив се вклучени и партиите од крајната левица.
Како функционираат француските избори?
Има 577 места во Националното собрание, вклучувајќи 13 прекуокеански области и 11 изборни единици кои ги претставуваат француските иселеници во странство. За апсолутно мнозинство на партијата и се потребни 289 места.
Сојузот на Макрон имаше само 250 места во Собранието во заминување и мораше секој пат да изгради поддршка од другите партии за да донесе закон.
Првиот круг ги елиминира сите кандидати кои нема да постигнат 12,5% од гласовите. Секој што ќе освои 50% од гласовите со излезност од најмалку една четвртина од локалното гласачко тело, победува автоматски. Тоа се случува во неколку изборни единици.
Вториот круг е серија каде се борат двајца, тројца или понекогаш четворица кандидати. Некои кандидати може да се откажат пред 7 јули за да му дадат на сојузникот поголема шанса да го спречи ривалот да победи, на пример од екстремната десница.
Што ќе се случи?
Системот со два круга значи дека ништо не е јасно.
Дури и ако Национален собир се квалификува за вториот круг во голем број изборни единици, гласачите може да изберат да усвојат „le vote utile“ – тактичко гласање – за да ја задржат партијата надвор.
Тие имаат 88 места во парламентот во заминување, но анкетите покажуваат дека би можеле да надминат 200 места.
Настрана од анкетите, треба да се има предвид и резултатот на европските избори кои на Национален собир му дадоа 31,37% од гласовите, а на другата крајнодесничарска партија Reconquête 5,47%. Некои поддржувачи на централно-десничарските републиканци може да ги поддржат Национален собир, но подеднакво други може да се приклучат на движењето за да ги блокираат – да формираат „бараж“.
Комбинирано гласовите на левицата, Зелените и крајната левица беа исто така над 30%. Но, не сите левичарски гласачи ќе го поддржат Новиот народен фронт поради вмешаноста на екстремно левичарската LFI на Жан-Лук Меланшон.
Друг фактор е излезноста, која ќе биде значително повисока од 51 отсто колку што беше на гласањето во Европскиот парламент на 9 јуни.
Што ако партијата на Макрон загуби?
Кој и да победи, Макрон рече дека нема да поднесе оставка како претседател.
Ако неговата партија загуби, и победи или Национален собир или Новиот народен фронт, тоа ќе остави речиси три години „кохабитација“ или поделба на власта, кога претседателот на една партија е на чело на државата, а друга партија раководи со владата.
Тоа се случи и порано, со внатрешната политика во рацете на премиерот и кабинетот и надворешната и одбранбената политика во рацете на претседателот.
Џордан Бардела ќе биде премиер?
Не мора. Макрон одлучува кој ќе ја води следната влада, според Уставот. Но, тој мора да ја отслика структурата на новото Собрание, па ако Национален собир е доминантна партија, би можело да му биде тешко да избере некој друг.
И ако Национален собир освои апсолутно мнозинство, Џордан Бардела би бил очигледниот избор како што е номиниран од самата партија. Постерите на кампањата на Национален собир го прогласуваат за премиер на 28 години и е мнбогу присустен на TikTok. Тој е и член на Европскиот парламент од 2019 година.
Но, Бардела ја отфрли можноста да стане премиер ако Национален собир не го обезбеди тоа апсолутно мнозинство: „Не сакам да бидам помошник на претседателот“.
Релативното мнозинство, рече тој, ќе го остави неспособен да дејствува: „Нема да му продавам на францускиот народ мерки или акции што не можев да ги следам“.
Дали кохабитација се случила порано во Франција?
Не повеќе од 20 години.
Во минатото имало три периоди на кохабитација:
1997-2002 Социјалистот Лионел Жоспен беше премиер под централнодесничарскиот претседател Жак Ширак
1993-95 Премиерот на десниот центар Едуард Баладур работеше со социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран за време на неговиот втор мандат
1986-88 Жак Ширак беше премиер на претседателот Франсоа Митеран
Но, ништо навистина не ја подготви Франција за ваква кохабитација што би можела да се случи по 7 јули, при што или екстремната десница или елементите на крајната левица се обидуваат да се договорат со центристички претседател.
Дали Националниот собир сè уште е екстремно десничарска?
Со години Марин Ле Пен се обидуваше да ја „дедијаболизира“ или детоксицира својата партија од антисемитските и екстремистичките корени на нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен и неговите колеги основачи на Националниот фронт, кој го преименува во Национален собир.
Сепак, нејзината строга антиимиграциска политика останува, а и пресудата на почетокот на оваа година на Државниот совет, највисокиот француски суд за администрација, потврди дека може да се смета за „екстремно десничарски“.
Капитенот на францускиот фудбал, Килијан Мбапе ги предупреди своите сонародници – „екстремите се пред портите на моќта“ и дека Франција е „во многу важен момент од историјата за нашата земја“. Џордан Бардела брзо возврати, критикувајќи ги мултимилионерските „спортски фигури кои им даваат лекции на луѓето кои се борат да врзат крај со крај“.
Национален собир долго време повикува на забрана на муслиманските шамии во јавноста, иако Бардела сега рече дека тоа нема да биде приоритет до следните претседателски избори.
Национален собир зема пари од Русија, а Марин Ле Пен беше про-Кремљ, анти-НАТО и анти-ЕУ. А сепак, многу од нивните екстремни позиции за напуштање на интегрираната команда на НАТО и зголемување на врските со Русија беа тивко отфрлени.
Напуштањето на ЕУ не е на дневен ред од 2022 година. Наместо тоа, Бардела се фокусира на намалување на ДДВ за енергијата и список од 100 основни производи и укинување на пензиските реформи на Макрон за неколку месеци.
Новиот народен фронт е неверојатен сојуз на социјалистите, Зелените, комунистите и Франција Непоклонета.
Тие ветија дека ќе ги укинат пензиските и имиграциските реформи на Макрон, а нивната платформа инаку се заснова на идејата дека „тоа е или екстремната десница или ние“.
Народниот фронт вети дека ќе се бори против антисемитизмот, иако вклучува екстремно левичарски кандидати кои беа обвинети за давање антисемитски забелешки.
Извор: Би-Би-Си
Подготви: Ј. Ѓ.