Најдобриот македонски џудист Еди Шерифовски ќе настапи на претстојните Олимписки игри во Париз, објави денеска Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Шерифовски, како што е соопштено, ќе настапи на олимпискиот турнир во џудо во категоријата до 81 килограми.
„МОК беше информиран дека, со заедничка одлука на Меѓународниот олимписки комитет и Меѓународната Џудо Федерација, врз основа на постигнатите резултати и постоечките правила, најдобриот македонски џудист, Еди Шерифовски (категорија-81 кгр) ќе учествува на Олимписките игри Париз 2024“, се наведува во соопштението.
Игрите во Париз ќе бидат трета олимпијада по ред на која ќе настапат македонски џудисти, откако Катерина Николовска беше учесник на Игрите 2016 во Рио де Женеиро, додека Арбреша Реџепи настапи на Олимпијадата во Токио 2020.