За министерот Љутков голем предизвик и е многу важно во 2028 година Градот Скопје да биде Европска престолнина на културата.
Во емисијата Вин Вин на Телма министерот за култура и туризам Зоран Љутков, прашан за Универзална сала, рече дека во овој момент можеби не е толку важна изградбата на Универзалната сала во Скопје, затоа што, подвлече, таа секако не може да се заврши во рокот до 2028 година.
Прашан што се приоритетите, министерот Љутков посочи дека сега се откочуваат сите оние процеси кои биле „закочени“ со години. Такви има десетици, подвлече, и ги посочи зградите на театрите во Старо Нагоричане, Плаошник, кумановскиот и турскиот театар…
Тој рече дека не е точна информацијата дека ќе се укине наградата „Мето Јовановски“ .
Најави дека многу повеќе ќе се трошат средства на институционална и националната култура, бидејќи, како што рече, институциите ни се девастирани во овој период.
– Ние не можеме да размислуваме за некакви модерни, современи решенија, на некоја независна култура, кога имате разрушени национални институции. Ние треба да си останеме на, еве ако сакате наречете ја конзервативната култура, но формата можеби треба да биде поинаква. Ние мора нашата култура и традиција на децата да им ги сервираме такви какви што се. А начинот на кој ќе бидат презентирани. Тоа се сложувам дека да бидат современи форми со кои ќе се идентификуваат, рече Љутков.