Претседателот на Собранието Африм Гаши оствари средба со украинската амбасадорка во Република Северна Македонија Лариса Дир, на која беа разменети мислења околу ситуацијата во Украина во однос на руската агресија, како и околу продолжувањето на соработката и поддршката на билатерален план и во рамки на меѓународните организации.
Како што информира собраниската прес-служба, Гаши истакнал дека во македонската политика и во институциите има континуитет во однос на поддршката и помошта за Украина. Од аспект на хуманоста и солидарноста, рекол тој, треба да се даде помош и поддршка за секој што се соочува со агресија, а особено за држава со која долги години земјава негува пријателство и добра соработка.
Амбасадорката Дир се заблагодарила за помошта од нашата земја, изразувајќи очекување дека таа ќе продолжи и во иднина и потенцирајќи дека, со оглед на ситуацијата со која се соочува Украина, од посебно значење е поткрепата од пријателите и соработката и афирмирањето на исти вредности во рамки на меѓународните организации, како што се ОН, ОБСЕ, Советот на Европа…
На средбата биле разменети мислења и во однос на процесот на интеграција во ЕУ. Гаши притоа истакнал дека од тој аспект Северна Македонија и Украина се на истиот пат.
Се разговарало и за понатамошната комуникација на ниво на пратенички групи за соработка, како и за можностите за организирање заеднички средби и возвратни посети. Во тој контекст, била истакната и улогата на Собранието на РСМ во Парламентарната димензија на Меѓународната Кримска платформа.