Француските безбедносни служби отфрлија повеќе од 4.000 апликации за акредитација за Олимпијадата во Париз во 2024 година, наведувајќи ја, меѓу другото, загриженоста за шпионажа и кибер напади, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.
Тој синоќа изјави дека неколку дена пред почетокот на Олимписките игри во Париз спроведени се еден милион административни истраги и утврдено е оти 4.355 лица би можеле да претставуваат закана.
Скоро сто луѓе беа одбиени поради страв од шпионажа или загриженост дека тие се агенти кои се обидуваат да добијат акредитација наведувајќи друга професија.
-Веројатно не се таму за да вршат напади. Но, покрај разузнавањето и традиционалната шпионажа, постои можност за пристап до влезните точки во компјутерските мрежи за извршување на кибер напади, изјави Дарманен за неделникот „Журнал ду Диманш“.
Тој рече дека се пријавиле како новинари или технички персонал и дека нивните земји на потекло се, меѓу другите, Русија и Белорусија.
-На пример, отфрливме голем број „новинари“ кои тврдеа дека ги следат Игрите. Од друга страна, прифативме присуство на Руси кои работат за Меѓународниот олимписки комитет (ИОК). Ние го применуваме принципот на претпазливост, посочи тој.
На руските новинари им е дозволено да бидат акредитирани за Игрите и веќе пристигнаа во француската престолнина.
Париз ќе распореди 45.000 безбедносни лица за да ја гарантира безбедноста на Игрите и уникатна церемонија на отворање покрај реката Сена каде спортистите ќе пловат на бродови покрај стотици илјади гледачи.
Организаторите го намалија бројот на оние кои ќе го следат отворањето од 600.000 на околу 300.000. Според Дарманен, нема закана за безбедноста на Олимписките игри.
-Во изминатите неколку дена со полицијата направив ново извидување со брод на Сена. Потврдувам дека церемонијата ќе се одржи во форматот што го најави претседателот на Републиката, Емануел Макрон, изјави Дарманен.
Тој рече дека освен речниот тек и малиот ризик од лошо време, до денес не се идентификувани закани за Игрите.
-Ниту нашите разузнавачки служби, ниту странските служби со кои соработуваме не открија странска закана. Но, ние мора да останеме многу скромни и фокусирани, нагласи францускиот министер за внатрешни работи.