Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Уште сум ѕвездосана од симболиката на отварањето на Летните олимписки игри, аплаудирам и се поклонувам на идејата!
Симболиката е антиавторитарна, антипатријархална и слободарска лекција, не сосем за нас – секојдневниот мал човек, туку за клептократските авторитарци.
„Мислите да му го свртите умот на малиот човек во корист на вашите клепто- себичлуци со евтините псевдо-паради за овци? Кои само ги молзете и им давате патријархално сено за да стоите поцврсто на купиштата пари? Па, ние, слободарите, поголеми и посилни сме од вас, еве ви! Гледајте и препознајте се и знајте дека нема да преовладате!”
Воедно, стада од празноглави овци искористени од извитоперувањето на слободата што им е дадена на тацна, се пронајдоа СЕБЕСИ на модната писта и под неа. А олигархијата е прикажана речиси како зомби, со главите в раце (историја, ама и не случајна сцена овде!). Додека, симболиката на Човекот со железна маска како носач на факелот во најризичните ситуации е антиавторитарната фигура (да се потсетиме дека Луј XIV е апсолутист).
Славење на слободата, еднаквоста, братството, низ диверзитетот, истрајноста и признавањето т.е. негата кон сите вклучувајќи ги и најслабите во општеството, соодветно. ЖЕНСКИОТ ПРИНЦИП.
Роботскиот коњ низ Сена со металниот јавач со наметка – знамето на Олимписките игри, кажува за чезнеењето на човекот за слобода (симболот на коњот), која сам со свои раце мора да ја креира, освои (роботски е коњот, креација), но кој ќе стане реалност (преоѓа во жив бел коњ), токму со славење на квалитетите кои Олимпијците ги истакнуваат, со многу труд, желба, радост за живот. На значењето на Олимпискиот дух му е даден сребрен оклоп.
Феноменални метафори, миротворни и силни, одушевувачки!