Вооружените сили на Украина соопштија дека синоќа извршиле успешен напад врз воздухопловна база во руската област Липецк, на речиси 300 километри од границата меѓу двете земји.
„Погодени беа магацини со наведувани бомби и други објекти во реонот на базата. Познато е дека на аеродромот се сместени авионите Су-34, Су-35 и МиГ-31 на руските воздухопловни сили“, се вели во соопштението.
Како резултат на нападот избувнал голем пожар, пријавени се и повеќекратни експлозии, прецизираат од украинскиот Генералштаб.
Според извори на украински медиуми од ГШ, поголем дел од авионите на аеродромот на базата не успеале да го напуштат аеродромот навреме кој бил запален како последица на верижна експлозија.
Покрај тоа, како што пренесува Укринформ, украинските сили ги гаѓаа руските противвоздушни ракетни дивизии на привремено окупираната територија на регионот Доњецк.
„Беа погодени три непријателски радари, вклучително и еден користен како дел од системот за воздушна одбрана С-350 и два – С-300. Уништувањето на радарот за противвоздушна одбрана С-350 е потврдено додека се проверуваат извештаите за двата други радари. Сепак, сите три радари беа исклучени по ударите. Во операцијата беа вклучени ракетни единици, сили за специјални операции, Службата за безбедност на Украина и силите за беспилотни системи“, истакнаа од Генералштабот.
Извор од безбедносната служба СБУ за Укринформ изјави дека повеќето воени авиони сместени на воениот аеродром Липецк-2 не успеале навреме да побегнат од базата. Силната експлозија од украинскиот удар предизвика верижна детонација што доведе до пожар од големи размери на голем дел од аеродромот. Локалните власти го потврдија фактот на детонација, наредувајќи цивилна евакуација од областа околу локацијата.
Подготви: Ј. Ѓ.