Билјана Дуковска, од македонска платформа против сиромаштијата во изјава за „Фронтлајн„ вели дека ако тргнеме од позицијата дека осиромашувањето се случува само заради порастот на трошоците за живот тогаш интервенцијата треба да биде во развојот на економијата, со што би стремеле кон достоинствени плати за живот.
– Тоа не значи само покачување на минималната плата, туку инвестиција кон поквалитетни работни места, поголеми работнички права и фер плати. Истовремено, конечно треба да се вклучи прогресивното (праведното) оданочување за да се обезбеди праведен и ефикасен начин на собирање даноци, и нивна праведна редистрибуција, но и да се намали даночниот товар на најранливите категории на население. Од друга страна, мора да се следи структурата на населението кое е најранливо и најпогодено, па за овие граѓани да се обезбедат социо-економски поддршки кои ќе го зголемуваат семејниот буџет до соодветен за квалитетен живот. Тука може да се прави комбинација од финансиска помош, субвенции за основни потреби и програми за социјална интеграција, но и здравствени олеснување, поддршка за децата, социјални услуги, итн., анализира Дуковска.
Важно е, додава таа, да се внимава на намалување на социјалната нееднаквост и социјалните поддршки да ја следат инфлацијата и навремено да одговорат на неа, вбројувајќи ги тука правата на парична помош од социјална заштита.
– За да има успех потребни се системски, а не ад-хок или краткорочни мерки кои не ја гарантираат сигурноста во семејствата и ги прават дополнително ранливи. Антикорупциските мерки на сите нивоа не смее да се изостават, иако навидум немаат големо влијание во целата состојба, подвлече таа.
Д.Јонузи