Успешно заврши снимањето на краткометражниот филм “Нова Енергија”, кој е во режија и по сценарио на Сара Климоска и ко-режисер Радован Петровиќ, а во продукција на NEST Продукција на продуцентот Јорданчо Петковски, информираат од продукцијата.
„Нова Енергија” ја следи приказната на две најдобри другарки кои низ взаемна емотивна и практична поддршка успеваат да создадат нов заеднички живот бегајќи од токсичноста на нивните партнери.
Ова е филм кој создава две хероини и преку нив ја слави женската исклучителна и некршлива конекција и нуди свежа перспектива за женските односи која ретко се видени во секојдневните медиуми.
Главните улоги во филмот се Сара Климоска и Тамара Ристоска, а во филмот играат и Зоран Љутков, Александар Стоименовски, Мирјана Трпковска Костовска и Елена Сековска.
Директорката на фотографија, Бојана Андриќ е една од најзначајните личности во Србија во областа на кинематографијата, позната по својата работа на многу успешни филмови како и потпретседателка на светската асоцијација на сниматели ИМАГО.
Филмската екипа брои и талентирани автори како Горан Игњатовски (маскер), Михаил Панев (сценограф), Розе Трајчевска (костимограф).
Нова Енергија е независен филм реализиран благодарение на приватни донации и компании пријатели на филмот. Копродуценти се Вижн Тим – Vision Team и Филмоскопија од Србија, JES Продукција и Контраст филм од Скопје, а главни спонзори се Винарија Тиквеш, Спорт Лаб и Монозеро.
По завршувањето на постпродукцијата, филмот “Нова Енергија” ќе започне со прикажувања на домашни и меѓународни филмски фестивали, а подоцна ќе биде достапен и за пошироката публика.