Поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, одговори на обвинувањата кои денеска на прес-конферениција ги изнесе пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
– Додека народот чека ВМРО-ДПМНЕ да почне нешто да работи како власт и да ги исполни изборните ветувања, тие снимаат прес-конференции на кои со драматично изнесување на лаги сакаат да ја дефокусираат јавноста од нивните скандали кои ја тресат актуелната власт. За да ја сокријат неспособноста на нивната влада и досегашните злоупотреби на службената положба на нивните коалициски партнери, ВМРО-ДПМНЕ на многу низок начин, со фабрикување лаги се обидува преку поранешни функционери на СДСМ да избегне одговори и одговорност во своите редови, наведува во објавата на социјалните мрежи Костадиновска Стојчевска.
„Доколку имаат било каква индиција за криминал односно криминално работење од моја страна во Министерството за култура ги охрабрувам да поведат постапка пред надлежните инстанци. Бидејќи нема, затоа ВМРО-ДПМНЕ се реши на прес конференции да лови во матно каде нема ниту едно прекршување на законите и со ширење на невистини. Објавувам еден од доказите дека не сум користела буџетски средства ниту службена картичка за купените куфери. Министерот Љутков и неговиот тим, близок до нивна поранешна министерка позната по купување на брендирани чевли, ташни и фустани, нека се занимаваат со македонската култура наместо да губат време на гуглање на продавници од каде сум купувала за правење драми пред јавноста“, истакна Костадиновска Стојчевска.
Претходно пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, ја обвини ексминистерката за култура дека „на службен пат во Лондон потрошила над 700 фунти за приватни потреби“.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, спротивно на прописите, трошела ненаменски буџетски средства додека била на функцијата.
Миле Лефков, пратеник, член на партискиот Извршен комитет на прес-конференција денеска информираше дека ексминистерката, како што рече „Бисера Антоанета“, за време на четиридневно службено патување во октомври минатата година во Лондон, потрошила 714 фунти за приватни потреби. Покрај трошоците за хотелско сместување, рече Лефков, во патниот налог таа имала приложено сметки за репрезентација.
-Но при увидот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картица ВИЗА, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства. Бисера Антоанета потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби, во Продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка ВИЗА. Шопинг манијата на Бисера Антоанета не запрела тука, туку продолжила и во познатата продавница за куфери „Самсонајт“, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара, еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти платен во кеш од службените парични средства, истакна Лефков.
„Со народни пари“, рече тој, Костадиновска-Стојчевска „пазарела во „Mарк & Спенсер“ каде потрошила 42 фунти за чорапи и хулахопки платени во кеш од службените парични средства“.
-Во GIFT BOX во Лондон, продавница за подароци потрошени се 146 евра од службената картичка ВИЗА, за ова трошење нема доставена никаква сметка тука само слипот од платежната картичка. Исто така, потрошени се 158 фунти платени во кеш од службените парични средства во Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter за подароци, како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и сл. Се на се, за лични приватни потреби, Бисера Антоанета троши 714 фунти или пресметано во денарски парични средства 51.169 илјади денари, за четири дена во Лондон, пари со кои во Македонија се храни цел месец едно четиричлено семејство, додаде Лефков.
Посочи и дека согласно Уредба е регулирано трошоците кои ги прави министерот за култура на месечно ниво да не можат да надминат 60 евра во денарска противвредност и дека треба да направат раздолжување во благајничката каса во рок од седум дена по завршувањето на службениот пат.
-Бисера Антоанета во неколку наврати го пречекорила дозволеното ограничување, а се раздолжувала и по неколку месеци, изјави Лефков.
Ова е првиот случај од, како што рече, „обелоденување на скандалот ’Бисера Антоанета” во серијал од прес-конференции во наредните денови, низ кои ќе презентираат „во каква аздисаност и раскош живеела и министерувала“ Костадиновска-Стојчевска.
Ј. Ѓ.