Оперативни проблеми, скандали меѓу коалициските партнери, проблеми во образованието – ова е почетокот на владеачкиот маратон на Владата на Христијан Мицкоски.
Што ако нема покачување на платите во образованието до 20 септември? Ќе штрајкуваат ли наставниците?
Од друга страна, Демократската унија за интеграција (ДУИ), партијата на Али Ахмети е во потрага по легитимитет, најавувајќи дека со протести ќе го радикализира своето политичко дејствување, додека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара економски и социјален напредок – теми за кои ВМРО ДПМНЕ не сака многу да се зборува.
Дали сето ова може да ја дестабилизира државата?
Адвокатот Јасмин Калач вели дека најавите за дестабилизација во Македонија или регионот треба да се сфатат сериозно, но не треба ни да се заборави дека ние сме земја членка на НАТО и стратешки партнер на САД.
– Ова особено од причина што на Западен Балкан допатува шефот на ЦИА. Битно е да се каже дека многу ретко еден директор на ЦИА доаѓа во посета во регионот. Лично сметам дека поголема опасност од дестабилизација постои во земјите како Босна, Косово и Србија. Посетата на директорот на ЦИА директно во тие земји веројатно е поврзана со неколку работи. Првенствено на властите да им се обрне внимание на опасностите од било какви потези кои водат кон дестабилизација во БиХ и Косово, и дека директорот на ЦИА упатува порака дека било каква дестабилизација ќе има сериозни последици во односите со САД. Интересно е да се спомне дека по неговата посета во Сараево, Милорад Додик ретерираше и го негираше сето она што го говореше месеци наназад на темите околу дестабилизација (сецесија, отцепување) на Босна, и буквално направи салто-мортале со давање изјава дека Р.Српска никогаш не го спорела суверенитетот и интегритетот на БиХ, изјави Калач за „Фронтлајн“.
За разлика од овие земји, додава тој, ние сме членки на НАТО и сме во постојана комуникација со неговото раководството.
– Стратешкото значење на нашиот регион за Западот значи дека нема да се дозволи загрозување на мирот и стабилноста, како ни евроинтеграциите. Доаѓањето на шефот на ЦИА на Балканот може да претставува индикатор за спокојност на сите народи во регионот, подвлече адвокатот.
Според политичкиот аналитичар Синиша Пекевски сеуште е рано да се оцени стартот на работа на Владата и предизвиците со кои се соочува и се големи и за кои верува дека ќе ги надмине.
„Моќта на опозицијата е мала и не верувам дека има моќ да предизвика било какви проблеми или да ја наруши позицијата на Владата“, вели Пекевски.
Дестан Јонузи