Поради пожарот на планината Сан Габриел, источно од Лос Анџелес, издадена е наредба за евакуација на околу 4.500 луѓе. Пожарот „Мост“ е еден од трите големи пожари кои беснеат во Јужна Калифорнија и се закануваат на десетици илјади домови и други објекти.
Големи шумски пожари има и во американските западни сојузни држави – Ајдахо, Орегон и Невада, каде пожарот во округот Рено принуди околу 20.000 луѓе да ја напуштат областа.
Сезоната на шумски пожари во Калифорнија сè уште е во тек, но досега се изгорена речиси трипати повеќе територија отколку во цела 2023 година.
Наредбите за евакуација опфаќаат и области во Јужна Калифорнија, вклучително и популарниот ски-центар Биг Беар, каде што околу 65.600 домови и други згради се загрозени од пожарот „Линија“. На жителите им беше наредено да се евакуираат од јужниот брег на езерото Биг Беар, бидејќи огнот се прошири на повеќе од 132 квадратни километри.
Во округот Оринџ, пожарникарите користат булдожери, хеликоптери и авиони за да го локализираат пожарот на аеродромот, кој избувна пред два дена и опфати осум квадратни километри за само неколку часа. Вчера вечерта пожарот веќе зафатил повеќе од 78 квадратни километри и се движел низ планинските предели кон округот Риверсајд.
Во болница се пренесени двајца пожарникари, кои се повредени, како и еден граѓанин, кој настрадал од вдишување чад.