Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џуепе Верди, во изведба на Националната опера и балет. Во рамки на посетата, Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
Говорејќи за уставните измени, оваа недела апелираше да се престане со билатерализација на евроинтегративниот процес. Според него, не станува збор дали граѓаните или политичарите имаат волја за уставни измени, туку дали во Брисел има волја да се реши ова прашање.