Профилот Марга@МКДПроЛет, познат по ултранационалистичките објави, а кој го поврзуваат со пропагандната мрежа блиска до ВМРО-ДПМНЕ, објави две фотографии – една од гостувањето на Зиадин Села од Алијанса за Албанците и од Европскиот фронт во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 и една од претепувањето во Собранието на 27 април 2017 година, придружени со пораката: „Ќутекот е излезен од Рајот“, Евангелие по Св. Петар 1:13:5. Мониторингот на ЦИВИЛ ја оценува оваа објава како експлицитен говор на омраза и директен повик на насилство.
Коментарите се дека „малку му беше“ или „најтрагично е што Македонците го спасија лигушов“...
Објавата од Марга@МКДПроЛет доаѓа по изјавата на Села во „Клик плус“, ТВ 21, кој предложи гарантирани места за албанските пратеници во Собранието, бидејќи според него ВЛЕН нема легитимитет, туку тоа Мицкоски им го дал.
„Друга форма може да биде и гарантирани места за немакедонските заедници во Собрание според последниот попис каде точно и без никакви дилеми се одразува јасно одлуката на граѓаните, кај вревата која ја прави ВРЕДИ, дека ги немате гласовите на Албанците, ги имате… таа е една од формите, но македонскиот политички фактор треба да ја прифати судбината да има толку гарантирани места во Собрание колку што има во пописот. А тоа е 30 отсто од бројот на населението, вели Зијадин Села од Европски фронт.
Неодамна, Министерството за внатрешни работи упати апел за воздржување од било какви тензии по однос на настанот со црквата „Св. Петка“ во госитварско с. Галате и било кое подгревање на меѓуетнички и меѓурелигиски тензии било на јавен простор или преку социјални медиуми ќе биде предмет на кривично-правен прогон од страна на МВР.
Дали министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски ќе реагира и на ваквите повици за „ќотек“, па макар тој ќотек да е „произлезен од Рајот“?
Во меѓувреме, откако Александар Пандов стана в.д. директор на Управата за извршување на санкции речиси сите тепачи на Села, или како што ги нарекуваат „уставобранители“ се пуштени од затвор на „домашно лекување“.
Дехран Муратов / Цивил Медиа