Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Универзалниот пристап до информации е камен-темелник на здрави и инклузивни општества што се одликуваат со знаење. Тоа подразбира дека секој има право да бара, прима и пренесува информации. Ова право е составен дел од правото на слобода на говорот. Во тој контекст, медиумите играат клучна улога во информирањето на јавноста за прашања од јавен интерес. Оттука, правото на универзален пристап до информации е исто така поврзано со правото на слобода на печатот. Медиумите (без разлика дали се електронски, печатени или онлајн) имаат можност да им обезбедат веродостојни информација на граѓаните само доколку имаат пристап до јавните информации. Воспоставувањето целосна транспарентност во работата во сите јавни тела, каде што сите информации од јавно значење се лесно достапни претставува една од главните одлики на демократијата.
Слободата ќе биде лишена од вредност ако граѓаните немаат пристап до информации. Правото на информации или правото на знаење подразбира дека пошироката јавност треба непречено да учествува во слободниот проток на информации и да знае што се случува во нејзината заедница, општина, држава… Барањето и примањето информации подразбира човеково право. Секој граѓанин има право да биде информиран, да знае како функционираат јавните институции на локално и на централно ниво, да има увид како се трошат јавните пари, кои се неговите права и како може да ги користи.
УНЕСКО на 17 ноември 2015 година објави дека Меѓународниот ден за универзален пристап до информации ќе се одбележува и слави на 28 септември секоја година, а 74-то Генерално собрание на ОН го усвои како меѓународен датум во октомври 2019 година.
Целта на Меѓународниот ден за слободен пристап до информации (28 септември) е да ја зајакне граѓанската свест за тоа дека секој поединец има право на пристап до сите владини информации како што е правото да знаат како нивните избраници ја практикуваат власта и како се трошат парите на даночните обврзници. Слободниот пристап до информациите е мерило за развиеноста на демократијата во едно општество. Овој значаен датум има цел да ја истакне и потребата од подобрување на законите поврзани со информациите и нивната вистинска имплементација, што понатаму овозможува градење инклузивни институции и пристап до информации за настаните и процесите во регионот и светот.
Повеќе изговори, помалку транспарентност
Извештајот на Европската Комисија за владеење на правото за 2024 година претставува синтеза на состојбата со владеењето на правото во ЕУ и проценка на ситуацијата во секоја земја-членка, како и земјите-кандидати за членки на ЕУ. За прв пат, Извештајот за 2024 година вклучува и поглавја за четирите земји-кандидати (Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија).
Во Извештајот на Европската Комисија за Северна Македонија се нотира дека „просечно, во изминатите три години се поднесени 8.500 барања до имателите за информации од јавен карактер на годишно ниво“. Понатаму, се бележи дека засегнатите страни „изразија загриженост дека заштитата на личните податоци често се користи како причина за одбивање на пристапот до документи“. Исто така, Европската Комисија констатира дека чекањето на информации од јавен карактер е предолго „особено за новинарите кои работат во куси рокови, додека јавната администрација во пракса, не е доволно одговорна за давање пристап до информации“.
Според законот, граѓаните треба да добијат одговорот веднаш, но не подоцна од 20 дена. Во случај на усно барање, информацијата треба да се добие веднаш, но не подоцна од 5 дена од барањето. Во исклучителни случаи, на барањето би можело да се одговори во подолг рок, но не повеќе од 30 дена. Рокот може да биде продолжен во случаи кога информацијата е од поголем обем или кога се обезбедува делумен пристап.
Интересно е да се забележи дека во Извештајот на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер се истакнува дека најмногу жалби барателите поднесуваат поради т.н. „молк на управата“. Тоа е спротивно на духот на транспарентноста. Молкот на управата треба да биде редок исклучок, а не правило во работењето на имателите на информации.
Затоа што, информираните граѓани можат да донесуваат информирани одлуки, на пример, кога излегуваат на гласање и за кого да гласаат. Оттаму, може да се заклучи дека кога има повеќе изговори, тогаш има помалку транспарентност.
Пристапот до информации е човеково право
Правото на пристап до информации е неделиво од корпусот на човековите права кои се дел од законите и меѓународните документи кои земјите имаат обврска да ги почитуваат.
Состојбата на тие права и слободи во дел од земјите во регионот на Западен Балкан се во очајна состојба, иако во овие земји се донесени навистина прогресивни закони кои – често не се применуваат, барем не во целост. Тоа, меѓу другото, е последица на авторитарните практики на дел од властите кои се служат со манипулации и популистичка пропаганда, предизвикувајќи само привид на демократски процедури и практики. Тоа, меѓу другото, го овозможува и ниската политичка култура, но пресудни за тие состојби е неодговорноста и корумпираноста на носителите на власта и учесниците во градењето на системот, кои се опираат на обврските да задоволат минимум стандарди за почитување на демократските стандарди и човековите права и слободи.
Тенденција на авторитарните власти е спротивна на заложбите за проактивна транспарентност, т.е. самоиницијативно да објавуваат информации и податоци предвидени со закон, како што се договори за јавни набавки, извештаи за извршување на буџетот и законски прописи. Често се случува заложбите за транспарентност да бидат само декларативни и да се манипулира со фактите и податоците од јавен карактер. Од суштинско значење е важноста на онлајн просторот за пристап до информации, каде што секој би можел да се вклучи и да ги добие очекуваните податоци, наместо граѓаните постојано да поднесуваат барања за истите.
Линк до оригиналот: Information is the power and oxygen of democracy: Public information is public, not secret! (The Balkan Forum). Преземено од Цивил Медиа