Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вчера во интервју емитувано на радио „Франс Интер“ изјави дека „приоритет е враќање на политичкото решение“ за конфликтот на Блискиот Исток.
Францускиот претседател притоа побара прекин на испораките на оружје за Израел, кое се користи во конфликтот во окупираниот Појас Газа, пренесува порталот БФМ ТВ.
– Мислам дека денес приоритет е да се вратиме на политичко решение и да престанеме да испорачуваме оружје за водење борби во Газа, изјави Макрон.
Повикот на францускиот претседател Емануел Макрон да се воведе ембарго за оружје на Израел е срамен, изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел денеска се брани на седум фронта од непријателите на цивилизацијата, рече Нетанјаху, мислејќи на Газа, Либан, Западниот Брег, Јемен, Сирија, Ирак и Иран.
„Додека Израел се бори со силите на варварството предводени од Иран, сите цивилизирани земји треба цврсто да застанат покрај нас, но претседателот Макрон и другите западни лидери сега повикуваат на ембарго за оружје за нас. Срам да им е“, рече Нетанјаху, пишува „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот премиер посочи дека Иран не воведува ембарго за испорака на оружје на своите сојузници, додека земјите кои наводно се противат на оваа терористичка оска бараат ембарго за испорака на оружје на Израел, што е голем срам.
„Израел ќе победи со или без нивна поддршка, а нивниот срам ќе трае долго откако ќе ја добиеме војната“, рече Нетанјаху.
Франција ќе биде домаќин на хуманитарна конференција за Либан
Франција во текот на овој месец ќе биде домаќин на меѓународна конференција чија цел е да овозможи собирање хуманитарна помош за Либан и да придонесе за зајакнување на безбедноста во јужниот дел на земјата, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
-Во следните неколку недели ќе одржиме конференција насочена кон олеснување на хуманитарната помош, поддршка на меѓународната заедница и давање поддршка на либанските вооружени сили за зајакнување на безбедноста таму, особено во јужен Либан, рече Макрон по состанокот на претставниците на франкофонијата – земји во кои се говори францускиот јазик- што се одржа во Париз.
Ј. Ѓ.