Украинските официјални лица денеска објавија видео кое наводно прикажува десетици севернокорејски регрути, кои примаат опрема од руските војници. Видеото е објавено од украинскиот Центар за стратешки комуникации и информациска безбедност, чии извори наведуваат дека снимката е добиена неодамна, но без понатамошни детали за автентичноста.
Exclusive – Newly obtained footage from Russia’s Sergievsky Training Ground showing North Korean troops being outfitted in Russian gear in preparation for deployment to Ukraine. pic.twitter.com/01Z4jZIiOe
— SPRAVDI — Stratcom Centre (@StratcomCentre) October 18, 2024
Снимката доловува кратки разговори меѓу војниците и надзорните офицери, кои се чини дека користат фрази од северниот дијалект на корејскиот јазик како „спакувајте го“ (담아부라야) и „застанете поблиску заедно“ (짝짝 달라붙어라).
Осомничените војници, исто така, добиле формулар на руски и корејски за да прецизираат каква големина им е потребна за униформи, капи и друга опрема, изјавиja од Центар за стратешки комуникации и информациска безбедност (СПРАВДИ) за NK News. Според фотографијата обезбедена од СПРАВДИ, формуларот бара од војниците да ја наведат својата „севернокорејска големина“ (조선씩 크기) и да ја совпаднат со рускиот еквивалент.
Кијив индипендент извести дека 18 севернокорејски војници ги напуштиле позициите во Курскиот регион и биле уапсени од руските власти
Руските власти заробија 18 севернокорејски војници кои ги напуштија своите позиции во рускиот Курски регион, изјави денеска за „Кијив Индипендент“ извор од украинската воена разузнавачка служба.
Официјален Кијив минатата недела излезе со тврдење дека Северна Кореја се подготвува на почетокот на ноември да распореди околу 11.000 војници за да и помогне на Русија во војната против Украина, додавајќи дека некои веќе пристигнале.
Осумнаесет од нив ги напуштија своите позиции во руските региони во близина на украинската граница, објави пред една недела украинската телевизија „Суспилне“, повикувајќи се на неименувани разузнавачки претставници.
Други украински медиуми, повикувајќи се на извори во воено разузнавање, јавија дека околу 40 севернокорејски војници пристигнале во Русија за да разменат знаење со нивните руски колеги.
По обуката, 18 Севернокорејци неколку дена биле оставени без храна и инструкции во шума во Курскиот регион, што довело до тоа на 14 октомври да ја напуштат својата борбена позиција за да пронајдат руска команда.
Украинските медиуми пренесуваат дека два дена подоцна, руските власти ги пронашле и ги привеле исчезнатите војници на приближно 60 километри од нивната првобитна позиција.
Јужна Кореја упати протест до Русија поради севернокорејските војници
Јужна Кореја денеска го повика рускиот амбасадор во Сеул за да упати остар протест против присуството на севернокорејски војници во Русија, за кои се тврди дека помагаат во војната против Украина.
Според јужнокорејското Министерство за надворешни работи, заменик-министерот Ким Хонг-кјун му порача на рускиот амбасадор Георгиј Зиновјев дека учеството на севернокорејските војници претставува прекршување на резолуциите на ОН и побара нивно итно повлекување, пренесува „Гардијан“.
– Најостро ја осудуваме илегалната воена соработка со Северна Кореја, вклучувајќи испраќањето на воени трупи во Русија, изјави Ким, истакнувајќи дека присуството на овие војници претставува сериозна закана за безбедноста на Јужна Кореја и на другите земји.
Тој додаде дека Сеул, во координација со меѓународната заедница, ќе ги искористи сите расположливи средства за да одговори на постапките кои ги загрозуваат основните безбедносни интереси на Јужна Кореја.
Минатата недела јужнокорејската разузнавачка служба објави дека Северна Кореја испратила почетен контингент од 1.500 специјални сили на рускиот далечен исток за обука во локалните воени бази. Се очекува овие сили да бидат вклучени во активни воени дејства во Украина. Според разузнавачките информации, Северна Кореја планира да испрати вкупно околу 12.000 војници како поддршка на руските сили, за да ги надоместат загубите и недостигот на воени кадри, пренесува „Гардијан“.
Воедно, службата објави сателитски снимки кои покажуваат дека првите групи севернокорејски војници пристигнале во Владивосток со руски воени бродови во периодот од 8 до 13 октомври.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека учеството на Северна Кореја во војната би го зголемило нивото на закана и нестабилност во регионот, додавајќи дека сателитските снимки и видеото покажуваат дека уште една земја се вклучила во конфликтот. Тој ги повика сојузниците на Украина да реагираат решително.
Белата куќа не може да ги потврди информациите дека севернокорејските војници учествуваат во војната, но портпаролот на Советот за национална безбедност на САД изјави дека, доколку информацијата е точна, тоа би претставувало опасно влошување на состојбата во руската војна против Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека има многу контрадикторни информации за ова прашање и дека треба да се третираат со внимание.
Ј. Ѓ.