СДСМ потсетува дека државата веќе има Национална развојна стратегија за периодот 2024-2044, која е изработена со активно учество на сите релевантни страни, вклучително и претставници на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа стратегија, подготвена со широк спектар на чинители – над 250 претставници од институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, граѓански организации и над 1.500 претставници на млади и ранливи групи – претставува темел за заеднички развој и напредок на државата, велат од СДСМ.
Во момент кога државата бара стабилност и континуирано унапредување на стандардот, СДСМ нагласува дека ваквата сеопфатна стратегија е веќе на маса, а од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се очекува сериозен пристап и конкретни дела.
Оттаму истакнуваат дека популистичките изјави и „нови“ повици за обединување се без реална содржина и не ги рефлектираат потребите на граѓаните.
„СДСМ останува посветена на конструктивен дијалог за доброто на сите и повикува на сериозен ангажман на Мицкоски да ги покаже делата, а не само зборовите“, соопштуваат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно во соопштение нагласија дека „Македонија има насушна потреба од нова визија, стратегија, долгорочен план за вистински развој во чие креирање ќе бидат вклучени најголемите македонски умови“.
Токму тоа е, велат оттаму, и целта на последниот проект кој што го понуди претседателот Мицкоски повикувајќи на општо обединување.
„Повикот за обединување и креирање на стратегија за државата 2025 е конкретен проект, кој на едно место ќе ги собере македонските академци и интелектуалци. Идејата и визијата на претседателот Мицкоски е покрај општо народно обединубање, членовите на МАНУ и универзитетската заедница, сите професионалци во својата област да ги опфати приоритетите за развој на државата, демографските предизвици, економските цели како и начинот на нивно остварување“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.