Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Сведоци сме на парадоксот меѓу непопустливата отпорност на руската воена економија и несериозниот пристап на Западот во борбата за стабилен и праведен свет.
Дали профитот и интересите ја засенија потребата за мир? Како економските интереси, политиката и игрите на моќта влијаат врз животите на милиони? Како овие сили влијаат врз текот на војната и како глобалното општество може да избере подобра иднина?
Мора да се соочиме со фактите. Економското преструктуирање на Русија создаде адаптивен модел во нејзината воена економија – промена што може да ги издржи обидите на Западот да ја спречат руската воена машинерија, доколку не се спротивстави со посериозни и подоследни санкции и други мерки. Во изминатиот период, повеќе пати критички се осврнав кон нерешителноста на Западот, но тоа најчесто се однесуваше политичкото колебање. Но колебливоста и неефикасноста, како и неединството, не се единствени фактори што му овозможуваат на Путин да продолжи со својот крвав поход против Украина и да води хибридна војна против демократијата во останатиот дел од светот. Мора да ги отвориме очите и пред скандалозниот факт дека корпоративното лобирање и економските и правните дупки во демократските земји на Западот фрлаат нова светлина на состојбите, односно го доведуваат во прашање интегритетот и кредибилитетот на Западот.
Ако ја анализираме руската воена економија, мора да погледнеме зад пропагандните паравани и да ја согледаме фрагилноста на стратегијата на Путин. Тој цело време се движи по остриот раб меѓу краткорочната отпорност и долгорочната одржливост. Не му оди добро ни на едната, ни на другата страна, освен кога му помагаат неговите сојузници, „неутралците“ и, за жал, самиот Запад. Мора да се разбере дека трошоците на руската воена економија се девастирачки за Русија, наспроти тоа што некои, едноставно, сакаат да го видат само тоа што е видливо на површината, односно да ѝ веруваат на пропагандата и – високите профити.
Наместо да ја разниша и да предизвика крах, како што беше нашироко распротрането уверувањето во Европа и светот по воведувањето санкции против Кремљ, руската економија е раздвижена, а бележи дури и пораст. Вашингтон Пост, пак, објави анализа во која се тврди дека руската економија е толку раздвижена по преструктуирањето во воена економија, што се соочува со опасност од „прегревање“. Што значи тоа?
Огромните воени трошоци, вклучително и високите исплати за војниците, го поттикнаа економскиот раст, како и високите плати и инфлацијата, бидејќи компаниите се принудени да им „парираат“ на воените плати за да привлечат работници.
По речиси три години жестока војна против Украина и отворање на хибридни фронтови против Западот, Русија покажува знаци на издржливост што се во спротивност со предвидувањата на политичките елити на Западот пред две години. Се открива дека Русија, со ова „економско темпо“ може да си дозволи да ја финансира војната против Украина уште две, па и повеќе години. Една од главните причини што му помагаат на Кремљ да опстане во војната, се огромните приходи од нафтата од една страна и неуспехот на санкциите што ги воведе Западот. На апример, не успеа обидот за удар врз руската економија преку ограничување на цената на нафтата (price cap). Таа мерка дојде доцна, а и не го дава очекуваниот резултат.
Во споменатата анализа се констатира дека руската економија, сепак, се „прегрева“, односно не може да ги издржи амбициозните воени побарувања од економијата во целост, делумно и поради потребата на Путин континуирано да заменува 20.000 војници кои се убиени или ранети на месечна основа, како што во јуни објави Институтот за проучување на војната. Ова предизвикува раздвижување на платите. За да го „хранат“ фронтот каде што масовно се гине, на руските генерали им требаат војници, па затоа властите нудат големи пари за одење на фронт. Така, руските регионални гувернери плаќаат нечуени бонуси за војниците, а Белгород неодамна го собори рекордот со бонус од 31.200 долари.
Резултатот од воената економија на Путин е речиси целосна вработеност во Русија и вртоглаво зголемени плати. Но и покрај тоа, работната сила ни оддалеку не е неограничена, а економските капацитети се искористуваат до максимум. Ова може да предизвика стагфлација – нагло скокање на цените и пад на производството, што може да биде проследено со длабока рецесија. На ова предупреди и гувернерката на Централната банка на Русија, Елвира Набиулина, која прави максимални напори да обезбеди доволно финасии за продолжување на крвавата војна против Украина.
Од друга страна, ако се погледнат економските приоритети на Путин зацртани во буџетската стратегија, може да се извлече заклучок дека рускиот диктатор е повеќе од самоуверен во неговите проекции. Неговата буџетска стратегија предвидува воените и безбедносните трошоци да достигнат 142 милијарди долари во 2025 година. Тоа значи вртоглави 40% од вкупните буџетски трошоци, односно повеќе од 8% од бруто домашниот производ. Тој предвидува високи проценти за „инвестирање“ во војната и во 2026 и 2027 година. Нема потреба од дополнителни коментари – Путин е решен да ја продолжи, а сосема веројатно и да ја прошири војната. Но што велат извештаите и економските аналитичари со кои разговарав деновиве – дали проекциите на Путин се согласуваат со реалноста?
На пример, веќе одамна нема доволно мажи да возат автобуси. На руските фарми, жените што молзат крави имаат плати слични на оние на професионалците во информатичката индустрија. Хотелите и рестораните се мачат да најдат келнери, чистачи и готвачи. Нема доволно работници во фабриките.
Економските аналитичари тврдат дека реалната инфлација во Русија е далеку повисока отколку што тврди официјалната статистика. Вашингтон Пост го цитира Стокхолмскиот институт за трансформациска економија, кој во септември изнесе сериозен сомнеж во веродостојноста на руските официјални податоци за инфлацијата. Тие тврдат дека главните економски показатели „сега се дел од руската воена пропаганда“.
Но во оваа сторија има уште една димензија што, се чини, е уште позагрижувачка од сите останати. Капацитетот на Русија да води војна со години е последица од неуспехот на западните санкции. Освен неединството во ЕУ и колебањето во дел од државите на Западот, сè почести се откритијата за лобирањето на големите корпорации „зад завесите“, но и недостатокот од политичка волја.
Скандалозно е откритието на Робин Брукс од Институтот Брукингс за тоа дека „набргу по инвазијата, Германија и неколку други големи европски нации, вклучувајќи ги Италија, Шпанија, Чешка, Полска и Австрија, почнаа да испраќаат огромни количини стоки преку Турција и соседите на Русија, вклучувајќи ги Казахстан, Киргистан, Грузија и Ерменија, јасно наменети за Русија“.
Брукс тврди дека Западот, исто така, може да ги намали руските приходи од нафтата со воведување санкции за повеќе руски танкери, вклучително и против нејзината флота во сенка што се користи за транспорт на 45 отсто од руската нафта.
Кремљ, Пекинг и другите автократски и диктаторски режими ова го толкуваат како слабост и несериозност на Западот. Поточно, во овие три години, ако не и многу порано, произлегува дека Западот, почнувајќи од компаниите, завршувајќи со дел од политичките елити, имаат еден единствен приоритет – брза заработка и високи профити. Деократските вредности, долгорочната стабилност, мирот и слободата ним не им значат многу, поточно, не им значат ништо.
Во тој дух, иако со поодмерен тон, говори и Ерван Фуере, експерт за европски и безбедносни политики и поранешен врвен дипломат, во интервју за ЦивилМедиа.
„Загрижувачки е што се појави мала неодлучност кај некои западни сојузници во врска со продолжувањето на поддршката за Украина. Верувам дека е потребна многу посилна поддршка, не само воена, туку и финансиска, за Украина да може да ја одбие руската агресија“, изјави Фуере во ексклузивното интервју за ЦивилМедиа.
За тоа дека санкциите не функционираат, беше очигледно уште во првата година од руската агресија против Украина. За тоа сведочат анализите на почетокот на 2023 година, девет месеи по почетокот на целосната руска инвазија.
„За време на војната, руската економија имаше огромни придобивки. Треба да биде доволно само ако споменеме дека профитите на Газпром вртоглаво порасна во 2022 година. Зошто? Меѓу многуте други причини – ЕУ предолго калкулираше со ограничувањето на цената на гасот (price cap). Па, гледајќи ги овие бројки, можеме да заклучиме дека, всушност, на Русија ѝ оди исклучително добро; особено имајќи предвид дека води агресорска војна“, пишува во анализата под наслов „Нашите санкции функционираат – велат од ЕУ. Навистина?“ објавена на ЦивилМедиа на 9 јануари 2023 година.
Увозот и извозот на Русија се намалени за 20,8% и 12,3%, соодветно, беа податоци што своевремено ги радуваа ЕУ стратезите на почетокот на 2023 година, како што пишува во анализата. ЕУ прогнозираше дека руската економија ќе доживее крах и ќе биде принудена да ја прекине својата воена агресија против Украина, особено поради санкциите. Тоа не се случи.