Од изјавите како опозиционер дека: „Договорот за Коридор 8 е сериозен грабеж, цените се 3 пати повисоки“, до изјавите како премиер дека: „Имаше обид да ме поткупат за Коридорот 8“, премиерот Христијан Мицкоски со изјавата дека: „Како Влада продолжуваме посветено да работиме на реализација на Коридор 8 и 10“, стигна до објавување на ново „ремек дело“.
Политички аналитичари во изјави за Фронтлајн, сметаат дека ова покажува дека изјавите и постапките на премиерот се сосема спротивни од она што го изјавувал претходно.
– Меѓународниот фактор не е заинтересиран за судири, тие имаат големи стратешки цели и имаат направено голема инвестиција во Северна Македонија низ годините. Коридорот 8 е толку голем структурен проект што никој не може да му ја смени насоката и целта. Проектот за Коридор 8 предвидуваат изградба на автопатот Тетово – Гостивар; Гостивар – Букојчан; Требениште – Струга – граничен премин Ќафасан и тоа ја поврзува Македонија со регионот. Овде доаѓа и променетиот став на Мицкоски. Јасно е дека изјавите и постапките на премиерот се сосема спротивни. Изгледа имаме дволичен премиер кој поинаку се изјаснува, а поинаку постапува. Коридорот 8 е голем проект не само за нашата земја, туку и за целиот регион, изјави за „Фронтлајн“, Урим Салиу – политички аналитичар.
Ацо Кабранов – политички аналитичар и новинар вели дека лагите на Христијан Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски околу Бехтел-Енка траеја додека не ја приграбија власта.
– Како и секој друг проект од претходната влада за нив беше промашен и коруптивен. Веднаш по изборите се сеќавате во Скопје се сретна со лобист за Бехтел-Енка контроверзен Американец измешан во многу матни работи. За време на престојот на Мицкоски во САД веднаш по победата пак се сретнал со лобистот и претпоставувам понудата Бехтел-Енка да продолжи да ги гради патиштата во Македонија – добро биле подмачкани за да од криминални за Мицкоски, станат историски проект. Читам и реакциите на опозицијата која договори со Бехтел-Енка да градат а Мицкоски и неговите врескаат дека е историски криминал, реагираат на изјавите на Мицкоски и Николоски дека проектот одеднаш е историски сега кога се гради под нивно владеење. Мене ич не ме чуди ваквото салто мортале во изјавите особено на двоецот Мицкоски и Николоски. Политичарите имаат ѓон образ а овие и повеќе од тоа, вели Кабранов за „Фронтлајн“.
Од опозициската СДСМ соопштија дека сè што кажа Христијан Мицкоски, секое негово ветување додека беше во опозиција се покажа како голема лага и измама.
– Граѓаните гледаат дека Мицкоски како премиер прави сè, ама буквално сè обратно од тоа што го говореше и го ветуваше пред изборите. Кога беше во опозиција Мицкоски на сите ѕвона го прогласи договорот со „Бехтел и Енка“ за „историски криминал“ и тврдеше дека е „спорен по сите основи“. Е, ама откако седна во премиерската фотелја смени лента Мицкоски преку ноќ. Сега наеднаш Мицкоски го фали и за истиот тој договор со „Бехтел и Енка“, гордо кажува дека е добар за државата, раскажува колку биле значајни проектите за изградба на Коридорот 8. Вчера едно-денеска друго, толку многу превртливост има во изјавите на Мицкоски што неговото лажење на народот се сведува на ниво на политичка перверзија. Ова е уште една потврда за лагите кои ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги пласираа во опозиција. Но, најважно е дека ова е признание дека стратешките проекти кои ги водеше СДСМ, како овој со изградбата на Коридорите 8 и 10, биле добри и дека сега оваа Влада ќе продолжи да ги реализира, реагира од СДСМ.
Амбасадорката на САД Анџела Агелер, напомена дека станува збор за доказ на одличното партнерство меѓу САД и Северна Македонија.
– Ова е во корист на граѓаните, ќе помогне на трговијата, на инвестициите, а кога други компании, вклучително и големи американски компании ќе гледаат проекти како овој, тоа ќе биде доказот што им е потребен, за да знаат дека инвестирањето има смисла, бидејќи може да напредувате, рече амбасадорката Агелер.
Од друга страна, на социјалните мрежи како одговор на до вчера противењето на Коридорот 8 од страна на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, од таборот на Али Ахмети, споделија видео од камен-темелникот на овој проект, во кое поранешниот прв вицепремиер Артан Груби изјавува дека „овој проект не може да го спречи ниту Мицкоски ниту Св.Мицкоски“.
Коридорот VIII — еден од десетте паневропски сообраќајни коридори, и го поврзува Јадранско Море со Црно Море преку Албанија, Македонија и Бугарија. Основната траса на паневропскиот коридор VIII е: Бари – Драч – Тирана – Елбасан – Струга – Кичево – Гостивар – Тетово – Скопје – Куманово – Крива Паланка – Ќустендил – Софија – Пловдив – Бургас – Варна.
Конзорциумот „Бехтел и Енка“ и претходната влада на СДСМ и ДУИ на 8 март 2023 година склучија договор за изградба на четири автопатски делници (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола). Во меѓувреме беа сменети неколку закони со цел да се олесни и забрза постапката за изградба на коридорите, коишто се најдоа во фокусот на бројни критики во јавноста. За изградба на инфраструктурен Коридор 8 и Коридор 10д во должина од 108 километри и со проценета вредност во износ од 1,319 милијарда евра донесен е специјален закон со кој се уредени условите и начинот за градба.
Иако договорот е под превезот на тајност, Државниот завод за ревизија во меѓувреме нотираше дека со компаративна анализа за цената на изградба на Коридор 8 и 10д сo ревизијата се утврдило дека во петгодишниот план на Транспортната заедница од април 2022 година индикативната вредност наведена за планираните делници изнесува 585 милиони евра или 475 милиони евра без делницата Букојчани- Кичево. Ревизорите посочуваат дека заклучно со декември 2023 година само 0,12% од трошоци се однесуваат за градба што покажува отстапување од планираната динамика за градба.
Дестан Јонузи