Потпретседателката на САД и кандидатка од Демократската партија на претстојните изботи Камала Харис изјави дека коментарот на поранешниот претседател Доналд Трамп, дека ќе ги заштити жените, без разлика дали тоа им се допаѓало или не, покажува дека републиканскиот претседателски кандидат не ги разбира правата на жените „да донесуваат одлуки за сопствениот живот, вклучувајќи го и своето тело“.
– Во секој случај, мислам дека тоа е навредливо за сите – изјави Харис пред да отпатува за кампања во клучните западни држави Аризона и Невада.
Таа продолжи со своите забелешки на митинг во Феникс: Тој едноставно не ја почитува слободата на жените или нивната интелигенција дека знаат што е најдобро за нив и да донесат одлуки во согласност со тоа. Но, ние веруваме во жените.
Изјавите на Трамп доаѓаат додека тој се обидува да се поврзе со женските гласачи, додека Харис се обраќа на жените од двете партии со порака за слобода. Таа тврди дека жените треба да имаат слобода сами да донесуваат одлуки за своето тело, и дека доколку Трамп биде избран, ќе следат нови ограничувања.