Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте вчера се сретна со новоизбраниот американски претседател Доналд Трам во Палм бич, Флорида.
– Разговараа за сите проблеми на светската безбедност со кои се соочува Алијансата, изјави денеска портпаролот на НАТО, Фарах Дахалах, без да наведе повеќе детали за средбата.
Руте, кој е поранешен премиер на Холандија, по изборот на Трамп истакна дека сака да се сретне со него за да разговара за заканите што доаѓаат од Русија, Северна Кореја, Кина и Иран.
Брзам да седнам со претседателот Трамп и да видам како колективно ќе се се соочиме со заканите, истакна Руте на 7 ноември, на маргините на Самитот на европските лидери во Будимпешта.
Тој тврди дека соработката на Русија со Северна Кореја, Иран и Кина не претставува закана само за Европа туку закана и по мирот и безбедноста во Индо-пацифичкиот регион и во Северна Америка.
Претседателот на САД и на Франција, Џо Бајден и Емануел Макрон синоќа телефонски разговараа за можноста за прекин на огнот помеѓу Израел и Хезболах во Либан, соопшти Белата куќа.
Како што се наведува во соопштението Бајден и Макрон се договориле „да останат во контакт, директно и преку своите тимови за државна безбедност“.
САД и Франција на крајот од септември иницираа предлог за прекин на огнот во Либан, што не беше прифатен, но тие сè уште работат на тоа.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Амос Хохштајн изминатите денови беше во посета на Либан и на Израел во обид да постигне примирје.
На 23 септември израелската армија изврши големи напади во Либан против Хезболах, кој од 7 октомври 2023 година со нападите врз Израел го поддржува палестинскиот Хамас, против кого Израел оттогаш води војна во Појасот Газа.
Израел соопшти дека ќе го уништи Хезболах, што ќе овозможи враќање на 60.000 жители на северен Израел раселени поради конфликтот.
Од октомври минатата година во судирите помеѓу Израел и Хезболах загинаа 3.558 луѓе во Либан и 82 војници и 47 цивили убиени се во Израел.