МНР на Украина го поздравува усвојувањето на обновената резолуција „Состојбата со човековите права на привремено окупираните територии на Украина, вклучително Автономната Република Крим и градот Севастопол“, која беше усвоена од Генералното собрание на ОН со 81 глас „за“.
Документот ја опфаќа состојбата со човековите права на сите привремено окупирани територии на Украина од страна на Руската Федерација, обезбедувајќи засилен мониторинг од страна на ОН и меѓународната заедница за сите злосторства и груби прекршувања што ги извршува руската окупаторска власт врз локалното население на овие територии.
Генералното собрание уште еднаш го потврди суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници и непризнавањето на какви било промени на статусот на украинските територии. Во тој контекст, Генералното собрание на ОН бара од Руската Федерација веднаш да ја прекине агресијата против Украина и да ги повлече сите свои вооружени сили од територијата на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници.
Во соопштението се потенцира дека важен момент во документот е што ова е прва резолуција на ОН во која Генералното собрание ја дефинира агресијата на Руската Федерација против Украина како „освојувачка војна на Руската Федерација против Украина“ (анг. “War of aggression against Ukraine”).
Усвојувањето на резолуцијата сведочи дека меѓународната заедница недвосмислено ги осудува злосторствата на руските окупатори, а секој акт на насилство и прекршување на човековите права ќе добие соодветна оценка и казна.
Клучни точки на резолуцијата вклучуваат осуда на тековното непочитување од страна на Русија на нормите на меѓународното право во сферата на човековите права и меѓународното хуманитарно право, незаконско притворање на цивилни украински граѓани, употреба на тортура и малтретирање, како и дискриминација врз жителите на привремено окупираните територии.
Од МНР на Украина сметаат дека суштинска новина во овој документ е осудата на тортурата и другите форми на сурово постапување со украинските воени заробеници, вклучувајќи сексуално насилство, и повикот до Руската Федерација да овозможи пристап на меѓународните хуманитарни мандати, вклучувајќи го и МКЦК (Меѓународниот комитет на Црвениот крст), до местата на нивно притворање, како и да обезбеди соодветна медицинска помош и целосна размена на сите воени заробеници.
Резолуцијата, исто така, се насочува кон заштита и враќање на депортираните деца. Генералното собрание на ОН ја повикува Русија да ја прекине депортацијата на украинските деца, да достави исцрпни информации до релевантните агенции на ОН и меѓународните организации за сите депортирани украински деца, вклучувајќи ги оние чиј статус е променет, посвоени или предадени на згрижување, и да преземе сите потребни мерки за безбедно враќање на овие деца во нивната татковина.
ОН потсетува на одлуката на Генералниот секретар на ОН, кој по втор пат ја вклучи руската армија и поврзаните вооружени формации на привремено окупираните територии на Украина во т.н. „список на срамот“ во годишниот извештај „Деца и вооружени конфликти“ за убиства на деца и напади врз училишта и болници во Украина, велат од украинското МНР.
Резолуцијата истакнува дека Руската Федерација, како окупаторска држава, сноси целосна одговорност за катастрофалните последици од уништувањето на Каховската брана врз економијата, земјоделството и екологијата на регионот и го осудува блокирањето на хуманитарниот пристап на ОН до погодените области. Покрај тоа, таа го нагласува неприфатливото однесување на Русија, вклучувајќи ги нападите врз украинската пристанишна инфраструктура, блокадата на пристаништата и заканите кон цивилните и трговските бродови, кои ја поткопуваат глобалната прехранбена безбедност.
Од украинското МНР преку соопштението исто така изразуваат благодарност до меѓународната заедница за поддршката на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава. Јасната позиција на Генералното собрание на ОН и земјите-членки на Организацијата претставува важен чекор кон обновување на почитувањето на меѓународното право и повикување на Русија на одговорност за сите извршени злосторства.
Ги повикуваме сите земји-членки на ОН да продолжат да вршат притисок врз агресорската држава за враќање на правдата и траен мир во Украина и светот во целина. Враќањето кон владеењето на правото и почитувањето на основните слободи ќе придонесат за зајакнување на европската и глобалната безбедност и ќе спречат повторување на ваквите злосторства во иднина, стои во соопштението на украинското МНР.
Украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир, преку својот профил на Х упати благодарност до македонското МНР за коспонзорството на резолуцијата на ГС на ОН „Состојбата со човековите права на привремено окупираните територии на Украина“.
Резолуцијата бара од рф итно да ја прекине агресијата против Украина и да ги повлече сите трупи од Украина во рамките на меѓународно признати граници, нашише амбасадорката Дир во објавата.
Благодарност на🇲🇰 @MFA_MKD за коспонзорството на резолуцијата на ГС на ОН «Состојбата со човековите права на привремено окупираните територии на🇺🇦»
Резол-та бара од рф итно да ја прекине агресијата против🇺🇦и да ги повлече сите трупи од🇺🇦во рамките на меѓународно признати граници pic.twitter.com/r7DoZPe9rC— Larysa Dir (@dir_larysa) December 18, 2024
Резолуцијата беше усвоена на 17 декември 2024 година со следните резултати: „за“ – 81 глас, против – 14, воздржани – 80.
Драган Мишев/Цивил Медиа