Кој е виновен за бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби откако беше обелоденето дека е вмешан во злоупотреба на службената должност за проневера на над 8 милиони евра во државната Лотарија? По него и екс-директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами, МВР распиша меѓународна потерница.
Од СДСМ прашуваат дали министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе преземе одговорност за настанот.
„Последните информации за бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, каде што „батериите“ на камерите не работеле токму кога тој ја напуштал границата предизвика потсмев од граѓаните. До кога министерот ќе ја замајува јавноста и кога планира да признае дека ова е договорено бегство, прашуваат од СДСМ.
Од МВР велат дека според снимките од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“ се гледа дека Груби поминал во Косово со македонска патна исправа со дипломатско возило на Арсим Папранику, почесниот конзул на Косово во Македонија.
„Во врска со преминувањето на државната граница на Граничниот премин „Долно Блаце“ од страна на А.Г. иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15.12.2024 Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“, Одделот утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на чл. 12 т.1, чл. 13 с.1 т.8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Во врска со настанот, од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување заради запознавање на јавниот обвинител.
Исто така, од страна на ОВККИПС беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина бидејќи истиот како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Истиот откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС исто така беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК“, соопштуваат од МВР.
Од МВР додаваат дека од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А.. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрече задолжителна мерка отстранување од работно место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Од СДСМ велат дека човекот кој го има пропуштено Груби е личен избор на Тошковски.
„МВР вчера соопшти дека се изречени суспензии за двајцата полицајаци. Но, внимавајте што се случува, полицаецот Б.Ј истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити, или пак чека да се забоошоти целата ситуација? И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава?“, велат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Груби го нокаутира и онака слабиот рејтинг на ДУИ и им замерија на партијата на Ахмети и СДСМ што молчат за неговото бегство.
„Срамно е тоа што се уште СДС и ДУИ не го осудиле бегството на Груби и не го повикале да се врати. СДС(М) и ДУИ да кажат дали го поддржуваат бегството на Груби. Али Ахмети наместо да го осуди бегството на Груби и јавно да се огради од постапките на Груби и тој замина во посета на Косово. Толку од европските вредности и агенди на СДС(М) и ДУИ“, истакнуваат од партијата на власт.
Пред четири дена Груби легално ја напуштил државата, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата.
Груби веднаш ги демантирал обвинувањата дека избегал од државата и вети дека откако ќе ги заврши обврските ќе се врати дома кај семејството.
„Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, напиша Груби на својот Фејсбук профил на 15 декември, што впрочем тоа е и неговиот последен Фејсбук статус и обраќање откако заминал од државата и по него е распишана потерница.
Координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“ и пратеник од ДУИ, Блерим Беџети и еден од лидерите на Алијанса за Албанците, Зијадин Села му порачаа на Артан Груби да се врати и да се соочи со органите на правдата и со законите.
„Јавно го повикувам Артан Груби во име на партијата но и од мое име да се појави пред органите на правдата за да се соочи. Тоа е поврзано со случајот со Лотарија. Како и секој граѓанин, носител на јавна функција која му била дадена, нека дојде, и дали е чист или направил прекршување на законот, ќе утврдат уставно-правните тела. Посакувам исто така да се соочат и другите“, рече Беџети.
Порталот МКД.МК повикувајќи се на владини извори, објави дека Груби со дипломатско возило и албански пасош ја поминал границата на Косово.
„Арсим Папранику, почесниот конзул на Косово во Македонија, со своето дипломатско возило, заедно со Артан Груби ја поминал границата со Косово еден ден пред почетокот на полициската акција, дознаваме од владини извори. Истите извори велат дека Груби со албански пасош ја поминал границата“, објави МКД.МК.
Дезинформацијата дека Груби поминал граница со албански пасош ја демантира МВР каде што соопштија дека Груби ја поминал границата со македонска патна исправа.
За бегството на Груби во Косово се води активна истрага, а на распит во полициската станица Карпош беше повикан почесниот конзул на Косово во Македонија од 2018, Арсим Папранику. Тој е сопственик на компанијата Нептун во Македонија и е еден од сопствениците на Ист гејт мол во Скопје.
Тој е осомничен дека со своето возило со дипломатски таблички го превезол Груби до Косово, непосредно пред почетокот на полициската акција.
Професорот Гордан Калајџиев на својот Фејсбук профил објави дека Груби не можел да биде приведен при преминување на границата без судска одлука.
„Полициските мерки како “стоп листа” или распис се во спротивност со Уставот и ЗКП!“, вели Калајџиев.
Дехран Муратов / Цивил Медиа