ЕУ денеска ја повика Централната изборна комисија на Косово да обезбеди инклузивен, кредибилен и транспарентен изборен процес кој ќе им овозможи на гласачите јасно да го изразат својот избор на изборите кои ќе се одржат на 9 февруари.
Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС) објави дека сите кандидати кои ги исполнуваат условите треба да имаат можност да учествуваат на слободни и фер избори, во целосна согласност со прописите на Косово.
-ЕУ и нејзините членки во заклучоците на Советот на ЕУ на 17 декември го истакнаа позитивниот развој на изборната рамка во Косово врз основа на препораките на ЕУ пред изборите на 9 февруари. Додека Косово и неговите граѓани уживаат жива демократија, непотврдувањето на некои политички партиии од политички, наместо од правни причини, би било сериозно назадување, се вели во соопштението на ЕЕАС.
ЕУ нагласува дека изборниот процес треба да биде транспарентен, кредибилен и без политичко мешање.
ЕУ очекува дека Централната изборна комисија (ЦИК), чија улога во следењето на изборите се вели дека е клучна, сега „ќе обезбеди со сите применливи механизми инклузивен, кредибилен и транспарентен изборен процес, кој ќе им овозможи на гласачите на Косово јасно да го изразат нивниот избор“.
-Одговорноста за зачувување на демократските гаранции е на сите членови на ЦИК, без разлика на нивната политичка определба. Ваквото основно прашање не смее да биде политичко и да се користи како тема во изборната кампања, се наведува во соопштението.
Движењето Самоопределување поднесе жалба откако Избирачкиот совет за жалби и претставки утврди дека Српска листа ги исполнува сите законски критериуми за учество на изборите, а Врховниот суд на Косово ја отфрли таа жалба, изјави денеска портпаролката на тој суд.