Пишува: ЕЛИЗАБЕТА СЕКИРАРСКА
Втор ден од Новата. Си мислам да правам ли пак нешто благо. Можеби од оние колачите со многу чоколадо, па кога ќе загризеш, мора да ги скопиш очите. Можеби па и ќе пеглам, кој знае – си велам. Можеби ќе си пишувам нешто од оние моите бескрајни писанија, како индиска серија без крај.
А можеби па и не. Можеби ќе го поминам денот во мечти, помешани со реалноста. Можеби во некоја виртуелна трева полна со детелина, онака босонога држејќи си го моето чипкано здолниште задигнато со едната рака, а со другата прегрнувајќи си го човекот мој. Како кога бевме млади.
Можеби ќе шетаме крај некоја река. Ќе ме ниша на некоја лулашка во парк на полноќ, а ѕвездите ќе ми минат пред очи како светлечки бубачки кои сакаат да ми се вгнездат во косата ми развеана.
Можеби бесплатно ќе си купам животно платно на кое ќе осликам време какво што сонувам. Ќе си ги натопам косите во црвена боја и ќе мафтам со нив низ платното, да направам бранови. Од оние големи, пенливи. Поинакви. После ќе си ја закачам над креветот и ќе си ја гледаме кога навечер ќе ја вклучиме ноќната ламба. Онаа која црвенилото ќе го прави мистично топло. Ќе мириса на црвен, пенлив бран. Ќе ја ставам онаа бела постелнина која мириса на жалфија, на краевите врамена со чипка.
Можеби ќе играм. Ќе ја слушам Џенис, тоа сигурно. Ќе гнездам мечта.
Ќе се потсетам на мирисот на белиот јоргован. На жолтите мимози, кои со душа ги чекам во февруари. Ќе си речам дека мора да е лесно да сториш јаве од еден сон, ако тоа го можев некогаш. Го можев. Значи, можам.
Ќе се бањам на изгрејсонце. Ќе јадам круша без да ја сечам на тањир и ќе уживам во нејзината леплива сочност, без да се грижам што ми тече низ брадата. Ќе се смеам. Ќе љубам. Ако врне, ќе стојам на дождот со раширени раце и ќе чекам кожата да ми стане вода. Ќе зборувам за луѓето кои ги сакам. На оние кои не умеат да сакаат, ќе им препишам рецепт за чувство, трипати на ден. Ќе им помине. Не е тешко да се љуби. Потешко е да се мрази. Луѓе се. Можат да се излекуваат од самите себеси.
Ќе го држам татко за рака. Ќе си муабетиме, ние другарите. Ќе му ја вдишувам мудроста и ќе слушам колку животот е зафркнат ако не сонуваш. Ако не го поминеш живеејќи си го сонот.
Ќе му ја помрднам косата од лицето на мојот син, замислено стоејќи во собата омирисана со младост која веќе не живее тука. Среќно гради свој живот. Ќе му ги чекам чекорите на скалите, сега збогатени со уште драги чекори. Ќе ја погалам ќерка ми по образот, таму во некој друг град. Ќе и ги замислувам чекорите на скалите, сега збогатени со уште драги чекори. Со најдраги чекорчиња. Среќно гради свој живот.
Ќе си ги превртам џебовите на капутот полн со спомени. Има таму ситници кои сум ги подзаборавила. Оние спакувани во миризбата на лаванда, грижливо здиплени во животните ормани.
Ќе варам чај од билки. Невен и нане.
Ма нека оди се бестрага. Време е ова само за мене и оние кои се моите животни бои. Моето платно. Мојата жалфија. Моето. Оние кои ЈАС го прават НИЕ. Оние кои од мене го вадат она што сум јас. Оние заради кои бесплатно ќе си купам виножито за времето наречено јаве. Она кое го одсонував.