Пишува: ТОНИ ПОПОВСКИ
Изминативе денови во дебатни емисии со истакнати експерти во областа на евроинтеграциите – поврзано со француско – германскиот Non-paper, меѓуостанатото беа коментирани ризици поврзани со поглавјата 34 (Институции) и 35 (Други прашања) од преговорите за зачленување во ЕУ и прераснувањето на македонскиот јазик во еден од официјалните јазици на ЕУ.
Во продолжение мој обид да контрибуирам во дебатата за овие специфични аспекти на севкупниот процес на преговори.
Според актуелната методологија за проширување кај поновите преговарачки рамки (Македонија, Албанија, Молдавија и Украина), Поглавје 35 не е вклучено во ниту еден од шесте кластери. Тоа останува посебно поглавје надвор од кластерската структура, заедно со Поглавје 34. Ова претставува стандарден пристап во ревидираната методологија за проширување.
Единствена земја во која Поглавје 35 има суштинска преговарачка улога е Србија бидејќи прерасна во централно преговарачко поглавје кое се однесува на нормализацијата на односите со Косово. Србија прифати рамка со вакво Поглавје 35 и поглавјето беше отворено во рана фаза од преговорите и се следи во текот на целиот процес, наместо да биде оставено за самиот крај како што се предвидува за другите држави кандидати вклучувајќи ја и Македонија. Поради тоа, многу аналитичари го опишуваат српското Поглавје 35 како поглавје што функционира хоризонтално низ целиот преговарачки процес односно напредокот на Србија во Поглавје 35 влијае врз вкупниот напредок на Србија во пристапните преговори.
За Македонија, преговарачката рамка од 2022 година не му доделува никаква специфична содржина на Поглавје 35. Рамката е изградена околу шесте кластери, а политичките услови се вградени на други места во рамката и во придружните документи. Во моментов, Поглавје 35 не е дефинирано како посебно „бугарско Поглавје“ или како „Поглавје за билатерални прашања“.
Бидејќи српското Поглавје 35 беше експлицитно трансформирано во механизам за следење на процесот на нормализација на односите со Косово, Европската Унија теоретски би можела да направи нешто слично и за друга земја кандидат, доколку сите земји-членки се согласат со тоа и доколку државата кандидат тоа го прифати. Но сепак, доволно е само една земја-членка, наш пријател, да се спротивстави на таква иницијатива за промена на рамката и тоа да не се случи.
Оттука, ако прашањето е дали Бугарија би можела да се повика на постоечка одредба во македонската Преговарачка рамка, слична на косовското Поглавје 35 кај Србија, и да каже: „Овој билатерален спор отсега ќе се преговара преку Поглавје 35“, одговорот е дека таква одредба во актуелната Преговарачка рамка на Македонија не постои.
Доколку се навратиме на периодот пред усвојувањето на нашата рамка за преговори, постојат силни документирани докази дека Бугарија првично се залагаше за пристап кон Северна Македонија сличен на оној што ЕУ го применува кон Србија преку Поглавје 35. Доволно е да навратиме на официјалната бугарска Рамковна позиција од 2019 година. Бугарија бараше: спроведувањето на договорите меѓу Северна Македонија и земјите-членки на ЕУ (конкретно Бугарија и Грција) да биде предмет на оценување во рамките на Поглавје 35 („Други прашања“) и ова поглавје да биде меѓу првите отворени и последните затворени преговарачки поглавја, со цел исполнувањето на условите континуирано да се следи во текот на целиот процес на пристапување во Европската Унија.
Конечната Преговарачка рамка, усвоена од Советот на Европската Унија во јули 2022 година, не го воспоставува Поглавје 35 како поглавје за следење на односите со Бугарија. Наместо тоа, рамката ги сместува клучните механизми за следење на други места: во општиот дел на рамката и во кластерот „Темели“ (Fundamentals) преку Акцискиот план за малцинствата и заедниците; преку редовните меѓувладини конференции и преку извештаите на Европската комисија.
Сето ова упатува на факт дека Бугарија не успеа да го добие посакуваниот „српски модел“ односно експлицитно институционализирање на добрососедските односи преку Поглавје 35. Од перспектива на Софија, тоа не беше оценето како целосен неуспех, бидејќи дел од условеноста што ја бараше сепак беше вклучена во архитектурата на пристапниот процес. Од наша перспектива, особено важно е што не беше создадено посебно „бугарско поглавје“ со цврсти одредници споредливо со косовското Поглавје 35 кај Србија. Доколку Бугарија успееше да воспостави Поглавје 35 според српскиот модел, како посебно билатерално поглавје, ризикот идентитетските и јазичните прашања повторно да се појавуваат и да се отвораат во рамките на тоа поглавје ќе беше значително поголем.
По однос на ризикот да бидеме блокирани исклучиво поради називот на македонскиот јазик во самата завршница на пристапниот процес, мојата проценка е дека постои реален политички ризик, но релативно низок правен ризик. При секое проширување, барем досега, официјалниот јазик што го нотифицира новата држава членка станувал официјален јазик на Унијата преку Договорот за пристапување. Јазичниот режим на ЕУ се темели врз јазиците што ги пријавуваат земјите членки и кои потоа се вклучуваат во Договорот за пристапување и во соодветните измени на регулативата на ЕУ за јазиците.
За нас но и за ЕУ институциите, важен преседан е фактот што Европската Унија веќе го прифати терминот „македонски јазик“ во рамките на преговарачкиот пакет од 2022 година. Процесот на скрининг се спроведува врз основа на верзија на acquis преведена на македонски јазик, а институциите на ЕУ редовно ја користат ознаката „македонски јазик“. Дополнително, едностраната декларација на Бугарија од 2022 година не ја измени терминологијата што ја користи Европската Унија. Наместо тоа, Бугарија наведе дека секогаш кога во документите на ЕУ се појавува терминот „македонски јазик“, таа го толкува согласно сопствената политичка позиција и не го смета тоа за признавање на посебен македонски јазик. Таа декларација е политички значајна, но не доведе до промена во начинот на кој Европската Унија го употребува терминот „македонски јазик“.
Процедурално Бугарија може да посегне по вето во завршната фаза на пристапните преговори доколку предложените решенија во поглавјата 34 и 35 не и се допаѓаат но вакво вето би имало сериозна репутациска па и друга цена. За нас од големо значање е веќе воспоставената институционална практика и континуитет на повикување на „македонскиот јазик“ од страна на ЕУ институциите. Преговарачката рамка беше усвоена без фуснота на Европската Унија поврзана со терминот „македонски јазик“. Позициите на Македонија и Бугарија беа евидентирани преку посебни еднострани изјави, а не преку заедничка дефиниција усвоена од Европската Унија. Европската Унија го прифати процесот на скрининг и преводот на acquis communautaire на македонски јазик. Договорот со FRONTEX беше потпишан во 2022 година на македонски јазик, при што сите 27 земји членки се согласија со текстот, а Бугарија приложи сопствена еднострана декларација.
Договорот со FRONTEX е особено важен затоа што создаде практичен преседан. Европската Унија склучи меѓународен договор на македонски јазик без да внесе квалификација или ограда на ниво на Унијата во однос на јазикот.
Клучниот момент е дека бугарската декларација беше еднострана: ја зачувува сопствената политичка позиција на Бугарија но сепак не го менува правниот текст ниту на рамката ниту на договорот со FRONTEX ниту пак ги обврзува останатите земји членки и тоа што е најзначајно не станува дел од правото на Европската Унија. Токму поради тоа многу правни експерти го сметаат договорот со FRONTEX за значаен исчекор бидејќи Европската Унија прифати формула според која Бугарија може да ја задржи својата позиција, без притоа самата Унија да ја преземе таа позиција. Од правен и институционален аспект, тоа е многу посилен факт отколку било која интерпретативна политичка реторика.
Промената на таквата воспоставена практика во фазата на потпишување на Договорот за пристапување би била политички и правно многу тешка за самата Европска Унија. Оттаму моја проценка е дека Бугарија наместо дополнително проблематизирање и условување за македонскиот јазик може да одлучи да ја искористи можноста за вето со цел да обезбеди отстапки во други билатерални прашања пред да дозволи пристапниот процес да биде успешно завршен.
Дали прашањето за јазикот во рамките на ЕУ е според тоа, „затворено“?
Во рамките на практиката на Европската Унија одговорот е во голема мерка позитивен бидејќи институциите на Европската Унија веќе функционираат со: терминот „македонски јазик“ во официјалните документи; превод на acquis на македонски јазик и македонска верзија на меѓународни договори. Подоцнежното напуштање на оваа практика би било институционално многу тешко.
Дали прашањето за јазикот е политички затворено со Бугарија? За жал не е. Бугарскиот парламент не се откажал од својата позиција. Последователни бугарски влади се држат до истата позиција. Едностраната декларација приложена кон преговарачкиот пакет и понатаму важи како официјално бугарско толкување иако без суштинско формално правно влијание. Оттука, спорот и понатаму постои во политичка смисла, иако институционално е во голема мера одвоен и ограничен.
Признавањето на терминот „македонски јазик“ од институциите на ЕУ е многу силно и веќе е длабоко вградено во институционалната практика. Веројатноста самата Европска Унија повторно да го отвори прашањето за називот на македонскиот јазик е ниска. Веројатноста Бугарија и понатаму да ја задржува својата интерпретација преку еднострани декларации е висока но не предизвика формално – правно влијание. Веројатноста Бугарија да користи други билатерални прашања како средство за влијание во пристапниот процес е значително поголема од веројатноста директно па и преку вето, да го оспори постоечкото користење на терминот „македонски јазик“ од страна на Европската Унија.
Европската Унија веќе применува функционална формула, го користи терминот „македонски јазик“, додека Бугарија го задржува своето еднострано толкување и резерва. Оваа формула веќе еднаш се покажа способна да обезбеди едногласност меѓу сите земји членки, да ја заштити употребата на македонскиот јазик во рамки на Унијата, што претставува важен преседан за идните фази од пристапниот процес.
Текстот е личен став. Преземено од ФБ профилот на Авторот






