Во базата Рамштајн, претседателот на Украина Володимир Зеленски се сретна со генералниот секретар на НАТО Марк Руте каде разговараа за зајакнување на воздушната одбрана на Украина.
Како што пренесува Кабинетот на претседателот, клучните теми на состанокот ја вклучија потребата од зајакнување на воздушната одбрана на Украина и вклучување на земјите од НАТО во набавката на украинското оружје според данскиот модел.
Претседателот истакна дека заедничката задача на партнерите е да обезбедат силна позиција на Украина за да постигне праведен и траен мир. Володимир Зеленски и Марк Руте разговараа за потенцијалните формати за искористување на платформата на НАТО за да се постигне оваа цел.
Претседателот, исто така, ја истакна важноста од започнувањето на иницијативата за безбедносна помош и обука на НАТО за Украина (НСАТУ) за ефикасно координирање на воената помош и обука на украинските војници.
Дополнително, страните разговараа за работата на Контакт групата за одбрана на Украина во Рамштајн формат и нејзиниот придонес во донесувањето одлуки насочени кон зајакнување на одбранбените способности на Украина.
„Се сретнав со генералниот секретар на НАТО Марк Руте. Главниот фокус беше на зајакнување на воздушната одбрана на нашата земја и привлекување на земјите од НАТО да купуваат украинско оружје по данскиот модел“, напиша Зеленски на Телеграм.
„Денеска разговаравме и за тоа како платформата на Северноатлантската алијанса може да се искористи за да се постигне оваа цел“, додаде претседателот.
Како што е соопштено, денеска учесниците на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина (формат Рамштајн) заедно со сојузниците одобриле 8 патокази кои ги дефинираат клучните цели на украинските одбранбени сили до 2027 година.
Драган Мишев / Цивил Медиа