Tина Иванова, музиколог, продуцентка, писателка – секоја сабота на Фронтлајн.
МАМО, ТИ СИ ЉУБОВ!
Мамо, дотерана си, фустанот сè уште убаво прилега на тебе. Малку се избледени црвените ружи, но барем трњето повеќе го нема.
Мамичке, ова руменило чини магија! Те краси со свежина и радост. Образите ти се како на куклата којашто често ја бришеше од прав и ја чуваше на полицата во мојата детска соба, дури и кога мене ме немаше таму. Ја остави иста, за среќни спомени. Ниту лектирите не ги даде, велеше: ,,Внатре е твоето име”.
Мамо, ако некој некогаш ме праша, која е најинтелигентната личност којашто ја познаваш од светската историја, ќе кажам: ,,Мајка ми!” Сите непознати равенки ги ,,пукаше” како брз куршум совладувајќи ги и најтешките животни борби. Те замислував како моја хероина, качена на коњ, а во раката меч исправен кон небото. Победа!
Мамичке, хуморот твој беше природен кантарион за моите отворени рани, мед за искривената миговна перцепција којашто ме толчеше како да сум во лавиринт без излез, отворена рампа за влез во рајот – твојата прекрасна градина со разнобојни ружи, или пак, излез од мрачните шумски патеки коишто ми ги цртаа мислите.
Колку солзи проголта мајко, мои, твои, сечии? Каде ги собра, каде се излеаја? Во реката на заборав во којашто исчезнуваат болките? Во твоето кревко срце кое пукна како брана? Не издржа, кутрото. Или, исчезнаа во одводот заедно со врелата вода под којашто пееше молитви за здравје и мир?
А, песната, мајко моја, беше знак дека си среќна! Колку е прекрасен животот кога пееш. Во тие слики сè е во ред со мене. Италијанските шлагери се мешаа со мирисот на загорени палачинки и звукот на лажица којашто гребе на стакло – остатоци од мармалад од стара тегла. Филмска лимонада за привидна среќа. Beautiful.
Секое мое кинење на душата ти го шиеше со конци во шарени бои и создаваше пејзажи како од ,,Вилеров гоблен”. Ах, мајкице, колку вешти раце имаше. Не знаев дека под тие длабоки бори татнее торжествена тегобност! Извини. Раце за гушкање и кога најмногу те болеа од триење, мешање, чешлање, рибање, раце за галење и кога кожата ти беше изгорена од беспомошност, раце за утеха и кога беа крвави од тежини.
Мамо, зошто си сега сама? А, многу си убава. Ти си најубавата жена на светот. Всушност, не е ништо поразлично од другите денови. И тогаш беше сама, а исто волшебна, грижлива и нежна за сите. За тебе не остануваше многу време, оти мораше да го искористиш сето за задоволување на туѓите пориви чиј светоглед беше кус колку џуџето од циркусот ,,Европа”. И слеп, несомнено. А, во тоа слепило, дури и јас отворав само мало прозорче тогаш кога сакав да те молам за прошка и да изнудам камата. Еј, се претворав во гнасен лихвар оставајќи те на дното само за да поттикнам привлечност кај некои други. Некои други кои денеска ги нема. Исчезнаа како изгорени тела во крематориум чија пепел е во урна со дијагноза на шизофренија.
Зарем, требаше да се сомневам дека ќе ми простиш? Колку сум била глупава. Последниот здив мене ми го даде мамо и остана вљубена до крај, исто како кога ме здогледа првиот ден. Оној ден којшто се повторува еднаш во годината, кога ме гледаше како се претворам во тебе. Со истата таа блажена насмевка, шепотејќи ги истите зборови, во ист редослед: ,,Никој не можам да сакам повеќе од тебе. Никој, никогаш”.
А, сепак, те гушеше осаменоста којашто те вовлече во мракот на репетитивното секојдневие.
Мамо, знам дека се плашеше. Секој ден, секој час. Но, не знам каде го криеше стравот, тој злосторник којшто не те остави намира да ја испееш дурската мелодија докрај. Можеби го собираше заедно со пајажината на плафонот и го расфрлаше низ воздухот како ориз за свадба. Можеби…
Мамо, сега цревата нема да треперат од немир. Твојот спокој ги милува црвените ружи на фустанот од лен. Заспа конечно без чекање на нешто, на некого, на милост, на сочуство, на правдина, на љубов. Секако не ти требаа, само не беше свесна за тоа. Ти, мамо, самата беше љубов. Љубов претворена во живо човечко суштество.
А, сега, сега јас ги кажувам твоите зборови: ,,Никој не можам да сакам повеќе од тебе. Никој, никогаш”.
#poetryisnotdead
„Поезијата е поблиску до вистината, отколку историјата, рекол Платон.
Пишувам поезија и проза за да ја разберам осаменоста. За да ја засилам љубовта и полесно да се доближам до смртта. И, за да ги уништам злобата и лицемерието што се случуваат пред моите очи.” – Тина Иванова.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Не е дозволено преземање без писмена дозвола од редакцијата.
Прочитајте и…