Претседателот на Украина Володимир Зеленски пристигна во Полска за одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, соопшти портпаролот на Зеленски, Серхиј Никифоров.
Денеска се одбележува денот кога Црвената армија го ослободи еден од најголемите нацистички логори на смртта, кој се наоѓал на територијата на окупирана Полска. Руска делегација не е поканета на одбележувањето веќе трета година по ред, односно од кога ја почна инвазијата на Украина.
– Ова е годишнина од ослободувањето. Се сеќаваме на жртвите, но ја славиме и слободата. Тешко е да се замисли присуството на Русија, која очигледно не ја разбира вредноста на слободата, рече директорот на музејот Пјотр Цивињски.
Инаку, пред посетата на Полска, украинскиот претседател вчера оддаде почит на жртвите на Холокаустот на Националниот историски и меморијален резерват Бабин Јар во Киев, местото каде што во 1941 година нацистите масакрирале илјадници Евреи.
За време на посетата на Полска, Зеленски ќе одржи билатерални средби со светски лидери, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави Никифоров.
На настанот присуствуваат десетици други шефови на држави и влади, вклучувајќи го германскиот канцелар Олаф Шолц, канадскиот премиер Џастин Трудо и британскиот крал Чарлс III. На покана на Европскиот еврејски конгрес, на комеморацијата присуствува и македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова.