Пишува: ВАЛЕНТИНО ДИМИТРОВСКИ
Веќе подолго време кај нас не само што спласна ентузијазмот за интензивирање на напорите за интеграција во Европската Унија, туку, во последно време речиси исчезна интересот за оваа проблематика која што доминантно се игнорира и отстранува од јавниот дискурс. Откако напорите на македонската дипломатија за можно решение за откочување на преговорите со уставни измени со кои Бугарите би биле внесени во Уставот со одложено дејство до пристапувањето на РСМ во ЕУ не вродија со плод, оваа стратешки значајна траекторија за развојот на државата се помести на спореден колосек. Самата концепција за уставни измени со одложено дејство е контрадикторна, имајќи предвид дека прашање од корпусот на човековите права не може и не треба да има одложено дејство. Од друга страна, инсистирањето за дополнителни гаранции (од ЕУ или од Бугарија) не наиде на разбирање од меѓународната јавност, имајќи предвид дека такви гаранции досега немало кон ниедна држава аспирант, а последните примери (со забелешките на Хрватска кон Црна Гора, како и многу други) јасно упатуваат дека земјите членки имаат изворно право за заштита на нивните интереси, особено во доменот на добрососедските односи како една од темелните вредности на ЕУ. Затоа, не треба да изненадува Завршната декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан (18.12.2024) во која се наведува дека „…помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската Унија, па затоа од суштинско значење е со добра волја и со видливи резултати да се спроведуваат меѓународните договори, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“. Оваа јасна порака укажува дека не само што треба да се реализира формалниот услов за откочување на преговорите со ЕУ, внесувањето на Бугариоте во Уставот, туку еднакво е неизбежно и обврзно спроведувањето на наведените меѓународни договори. Овие билателарни договори имаат широка меѓународна верификација и поддршка. Затоа, се чини илузорно уверувањето дека истите може да се заобиколуваат, дополнително да се интерпретираат и проблематизираат бидејќи се вградени во рамката за нашиот пат кон Европската Унија и иднина. Наивно е да се мисли дека решенијата во него не се темелно консултирани со соодветни меѓународни институции и експерти (историчари и други). Наивно е и изгубено време е ако и натаму се гаи илузијата дека овие договори, како и утврдената рамка за отпочнување на преговорите со Европската унија, се наметнати со некаков надворешен и внатрешен диктат и дека можат да се менуват и репреговараат. Наместо тоа, неопходно е македонската страна максимално внимателно да се соочи со можните предизвици во имплементацијата на овие два договора, затоа што е веќе јасно дека истите се неопходен услов вграден и во Преговарачката рамка.
Додека предизвиците во примената на договорот со Грција донекаде се минимизираа и влегоа во една поднослива рамка, треба да бидеме свесни дека оние поврзани со Договорот со Бугарија се значително посериозни и покомплицирани. Ако ЕУ инсистира дека „…од суштинско значење е со добра волја и со видливи резултати да се спроведуваат меѓународните договори…“, Република Бугарија недвосмислено ќе инсистира на максимално спроведување на Договорот за добрососедство, особено во оној дел каде се дефинира работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања („…објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани…“), како и оној во кој се дефинира дека „Двете Договорни страни ќе организираат со заемна согласност заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности, насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“. Како што се наведува од бугарската страна дека барањето за внесување на Бугарите од РСМ во нашиот Устав е услов за отстранување на ветото од нивна страна, не треба да се гаи илузија дека во текот на идните преговори нема да има дополнителни забелешки, барања и услови, имајќи ги предвид нивните многупати искажани ставови за историските прашања и добрососедските односи.
Во таа смисла, може да се предвиди однесувањето на бугарската страна во текот на евентуалните идни преговори на нашата држава со ЕУ, за кое македонската страна треба да биде подготвена. Како пример, може да се претпостави инсиситирањето на бугарската страна за интерпретација на личноста и делото на Гоце Делчев како заедничка историска личност во насока на зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности, за што сигурно ќе посочи повеќе автентични историски извори, а четири од нив недвосмислено ќе бидат застапени:
1. Писмото на Гоце Делчев до неговиот пријател и соборец Никола Малешевски (од 5/1 1899 година, Софија): „Сите твои писма, испратени од тебе и преку тебе досега, сум ги примил. Отцепувањата и расцепувањата никако да не не плашат. Дејствително е жално, но што можеме да правиме, кога си сме Бугари и сите страдаме од една општа болест.“ (http://macedonia.kroraina.com/gd2/gd_3.html#116).
2. Сведоштвото на Пеју Јаворов во првата биографија за Гоце Делчев, објавена 1904 година во Софија: „Ако средината, од која што човекот ја добива најраната претстава за широкиот божји свет, ако таа средина неизбежно остава белези на нашиот душевен лик, можеби Гоце должи нешто и на својот роден град. Кукуш, за разлика од повеќе македонски градови може да се нарече чисто бугарски. При неговите две илјади бугарски куќи, едвај да има и стотина турски…..Ние треба да почнеме – сметаше Гоце – со напади од страна на четите против аскерските одделенија и со атентати од страна на решителни момци по железничките линии, како и државните установи. И да продолжиме така, но секогаш далеку од бугарското население кое не треба да го изложуваме на турски репресалии и жестокости. Бугарите во Македонија сами го носат на своите плеќи товарот на револуцијата – и тоа е нужно, за да се продолжи борбата додека ја постигнеме крајната цел“.
3. Излагањето на Ѓорче Петров под наслов „Гоце Делчев и неговото значење во македонската револуционерна организација“ на 4 мај 1919 година на Софискиот универзитет пред група студенти по повод 16 години од смртта на Гоце Делчев: „Виновникот за денешното собрание – Делчев, не беше само борец за македонското ослободително дело, туку и човек на бугарската општествена мисла. Тој чувствуваше во себе пориви, толку силни, што можеше за миг да запали револуционерен оган, да ги потпали срцата на целото население на Македонија…Животот на Делчев среде народните кругови се одвиваше младешки, но на секоj чекор тоj личеше на учител: да ги разбуди каj Бугарите смелоста, неустрашливоста и другите квалитети за кои тоj лично беше жив пример…Од друга страна, Гоце беше пречекуван како кум. Делчев умре по слаткото прикажување со една бабичка среде бугарско село… Денешното поколение македоно-бугарско население, израснато во целина во револуционерна атмосфера, калено во борби и страданиа, ќе биде готово да ги следи до краj неговите завети за татковината. (www.strumski.com/books/Gjorche_Petrov_za_Gotse_Delchev.pdf).
4. Димитар Влахов, “Местото на Гоце Делчев во Македонското ослободително движење”, “Македонско дело (Гоцев број)”, год. III, Виена, 4 мај 1928 година): „…Во својата револуционерна дејност тој се раководеше изклучително од интересите на македонскиот народ и тоа на целокупниот македонски народ, на сите народности што ја населуваат Македонија. Гоце беше Бугарин по народност… Гоце гледаше на сите Македонци како на свои браќа. Тој се бореше за ослободување не само на Македонците Бугари, туку на сите Македонци. Тој не се бореше за да станат Бугарите во Македонија господарска нација, туку да бидат и другите народности во Македонија слободни…“.
Доколку нашата стратегија се темели на очекувања од можно репреговарање на утврдената преговарачка рамка со ЕУ и ретерирање на бугарската позиција, таквите заложби и надежи, за жал, ќе доживеат разочарувања. Нереално е да се игнорираат дефинираните услови во преговарачката рамка и да се очекува некаква промена во таа насока. Ако тоа е „од суштинско значење“, како што се наведува во Завршната декларација од Самитот ЕУ-Западен Балкан, дали е толку неможно храбро и „со добра волја и со видливи резултати“ да се соочиме со предизвиците во спроведувањето на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Во духот на „.помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи“ треба да работиме на отстранување на бројни стереотипи што ги оптеретуваат и двете страни, како единствено излезно решение. Нешто што Гоце Делчев пред повеќе од 100 години го дефинираше како културен натпревар меѓу народите.