Портпаролот на Хамас, Абдул Латиф ал-Кану денеска изјави дека почнале преговорите за втората фаза од примирјето меѓу Израел и Хамас во Газа. Како што наведе во објавата на социјалната мрежа Телеграм, палестинската група и понатаму е загрижена за голем број прашања, како што се засолништа за жителите на Газа, помош и реконструкција, пренесе Ал Џезира.
Ал Кану го обвини Израел за попречување на хуманитарните протоколи, вклучувајќи го и договорот за прекин на огнот, како и дека го избегнува и го одложува нивното спроведување.
„Прашањето за засолништа и помош за нашиот народ е итно хуманитарно прашање кое не може да трпи избегнување и одолговлекување од страна на окупаторите“, наведе тој во објавата.
Израел и Хамас постигнаа прекин на огнот во средината на јануари по повеќе од една година конфликт.
Првата фаза од примирјето, од трите планирани, вклучува прекин на огнот, ослободување на дел од заложниците, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на Палестинците во северниот дел на Газа, заедно со приливот на хуманитарна помош.
Втората фаза предвидува прекин на огнот за 42 дена. Хамас треба да ги ослободи сите преостанати заложници, кои ги држи од нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, додека Израел треба да ослободи и претходно договорен број палестински затвореници и притвореници.
Во третата фаза Хамас ќе ги врати телата на загинатите заложници од Газа во Израел, Израел ќе ослободи уште затвореници, а треба да започне и петгодишниот план за реконструкција. Според планот, како што наведуваат светските агенции, Хамас се согласил дека нема да го обновува својот воен арсенал.