Не многу видливиот министер за информатичко општество Стефан Андоновски одеднаш стана многу интересен за јавноста. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет за него и неговото семејство. Татко му на првиот информатичар стана советник на премиерот Мицкоски. Претходно, неговиот брат беше назначен како началник во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Скандалот со непотизмот го откри СДСМ на прес конференција во средата кога опозициската партија остро ги осуди практиките на власта и побара од ДКСК да отвори истрага за случајот.
„Ова уште еднаш ја покажува вистинската природа на оваа власт – наместо компетентност и заслуги, пресудни критериуми за добивање работа и функции се семејните и партиските врски, однос неспособноста“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таткото на министерот, Љупчо Андоновски стана директор на УБК, откако првиот човек на оваа озлогласена институција, Сашо Мијалков, братучед на тогашниот премиер, сега бегалец од правдата, Груевски, си даде оставка на таа позиција. Тоа, за тие што заборавиле, се случи речиси истовремено со оставката на Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи, и Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски. Оставките на Мијалков и Јанкулоска уследија по страотниот безбедносен инцидент населбата Диво Насеље во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година.
Министерот Андоновски е интересен за јавноста и во контекст на неодамнешните глобални реакции на одлуката на новиот американски претседател Доналд Трамп да ги замрзне фондовите на УСАИД. И додека толпи вмровски ботови и пропагандисти, придружени од оние на т.н. Левица и други ултрадесничарски групи, го линчуваат УСАИД и корисниците на грантови од најголемата агенција за меѓународен развој, биографијата на министерот, објавена од државната новинска агенција МИА, открива дека тој бил „специјалист за дигитален маркетинг во USAID/OTI Macedonia Support Initiative 2, имплементирана од Chemonics International“.
Но оваа „мала недоследност“ на вмровската пропаганда не е новост. Голем број владини ресори и локални власти добиваа милионски суми од американската развојна агенција за инфраструктурни, развојни и реформски зафати во земјата, за време на владеењето на оваа партија. Што, се разбира, не им пречеше во 2016 и 2017 година да истакнуваат транспаренти „Бејли (тогашниот американски амбасадор), оди си дома“ и да спроведуваат пропагандно-полициска хајка против граѓанското општество во операцијата запаметена под злокобното име „Стоп Сорос“.
Д. Е.