Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го претстави планот за драстично намалување на персоналот на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) ширум светот, оставајќи помалку од 300 вработени, јавија американските медиуми.
Според медиумите, планот ќе остави на работа помалку од 300 вработени од сегашните 8.000 директно вработени и со договори. Тие, заедно со околу 5.000 локални вработени ангажирани во странство, ќе раководат со програмите кои управата вели дека засега има намера да ги продолжи.
Се уште не е јасно дали намалувањето на персоналот на 300 вработени ќе биде трајно или привремено, што потенцијално ќе им овозможи на некои вработени да се вратат откако администрацијата на Трамп ќе ги разгледа и одлучи кои програми за помош и развој ќе ги продолжи.
Државниот секретар Марко Рубио за време на неговата посета на Доминиканската Република рече дека владата на САД ќе продолжи да обезбедува странска помош.
„Но, ова ќе биде странска помош што има смисла и е во согласност со нашиот национален интерес“.
По инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп на 20 јануари, широкото замрзнување на финансирањето ги затвори повеќето програми на агенцијата ширум светот и речиси сите нејзини вработени беа ставени на одмор. Маск и Трамп разговараа за укинување на УСАИД како независна агенција и преместување на програми во Стејт департментот.
Критичарите на одлуката инсистираат дека потегот е незаконски без одобрение од Конгресот.