Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Се восхитувам од математичката прецизност и брзината со која се спроведуваат најважните реформи во Нашата земја. Погодувате, се работи за „кошничката“ на работничката класа. За оние што треба да знаат колку можат да јадат и да пијат, за да можат да работат и да дадат некаков придонес кон општеството.
Значи, не може тоа туку така – да се пиело нескафе или да се јаде хамбургер еднаш месечно или почесто. Не можете да си дозволите такви луксузи, да бидете прејадени!
Мора да има ред, и таа кошничка мора да се редефинира. Затоа, напорите на премиерот ме восхитуваат и она што колегата Костовски во анализата го нарекува ЛОГИКАТА НА МИЦКОСКИ, треба да бидат модел за сите останати реформи кај нас, во соседството и секаде во светот каде што се потребни некакви реформи. Прочитајте ја анализата ТУКА.
Пред сè, тие (реформите) мора да бидат математички прецизно спроведени. И логични – би додале експертите, да им носат благосостојба на граѓанките и граѓаните – би рекле невладините.
КАДЕ СЕ 250 МИЛИОНИ?
Понатаму, фасциниран сум од дискрецијата на локалните и централните власти околу тоа колку молчат за 250-те милиони евра „унгарски креди“ (знаеме од каде се парите, де) наменети за општините. На почетокот имаше многу врева, па апликации за проекти… Но сега немаме информација за тоа што навистина се случува на теренот.
Еве, нестрпливи се изведувачите и подизведувачите, оние што на општинско ниво редовно ги добиваат тендерите – по заслуги, се разбира, знаеме какви. Но не можеме да видиме што навистина се случува.
Тоа е дискреција! Тоа е професионализам!
Преземено: Цивил Медиа