Пишува: МАРИЈА ТОДОРОВСКА
Интервју за НОВА тв.мк со ликовниот уметник, карикатурист и Претседател на Галерија Остен, Мице Јанкуловски.
ОСТЕН еден од најстарите македонски медиуми. Оваа година го одбележува своето 80-годишно постоење. Во текот на својот пат, од хумористичниот билтен до светската галерија на карикатури и биенале за современи визуелни уметности, ОСТЕН оставил неизбришлива трага во културната и уметничката сцена, како во Македонија, така и глобално. Во интервју со Мице Јанкуловски, кој го зачувува брендот Остен, зборувавме за историјата и значењето, од нивната улога во светот на карикатурата, до меѓународниот успех и растечката влијателност на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО, кое овој пат собра повеќе од 270 уметници од 51 земја, изложбата во Чифте амам и останатите настани за одбележување на јубилејот 80 години.
НОВА: Остен оваа година одбележува 80 години. Како би го опишале патот на Остен низ годините?
Јанкуловски: Многу е тешко да се направи 80-годишна ретроспекција за патот на ОСТЕН низ годините, а да не се одземе многу време и простор,… но еве ќе се обидам тоа да го направам најкусо што можам:
Во 1943 година кога се формирала Првата македонско-косовска ударна бригада се издавал билтен со хумористична содржина со наслов “Сред поле џунџуле”.
Есента во 1944 година група млади, врвни интелектуалци го основаат весникот ОСТЕН, кум на весникот е Блаже Конески, а потоа: Лазар Мојсов, Киро Хаџи Василев, Петре Богданов Кочко, Василије Поповиќ-Цицо, Владо Малески, како и Славко Јаневски, Ацо Шопов, Панде Јаревски…
Првиот број излегува на 1-ви јануари 1945 година и се печати во печатницата Гоце Делчев во Скопје. Поднасловот на весникот е „Излегува кога ќе му текне“, а прв главен уредник е Владо Малески.Владо Малески е главен уредник и на ребрендираниот ОСТЕН од 1951 година кога во редакцијате се вклучува и Цветан Станоевски.
Во 1966 година како основач на весникот се појавува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Главен уредник е Славко Јаневски.
Во 1967 година главен уредник е Ацо Шопов.
Во едно свое сеќавање за ОСТЕН Ацо Шопов ќе забележи: „ОСТЕН беше многу популарен меѓу лугето во целата држава, тиражот беше дефиниран, но за еден број се јавуваат од Штип и бараат поголем дополнителен тираж. За што се работи: до трафиката каде што се продавале весници меѓу кои и ОСТЕН, имало рибарница и дента пристигнало поголема количина свежа риба, страниците на ОСТЕН биле поевтини од месарската хартија која била многу скапа и недоволна…“ . Од тогаш поднасловот на весникот е “Весник за завиткување”.Во 1968 година ја имаме првата професионална редакција. Директор и главен уредник е Дарко Марковиќ, а први професионални уредници се Ефтим Проески и Владо Јоциќ.
Во 1969 година, на 6-тите Средби на солидарноста на која учествуваат сите држави кои ја помагаат обновата на Скопје од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, беше формирана СВЕТСКАТА ГАЛЕРИЈА НА КАРИКАТУРИ. Денес таа е најстарата светска манифестација од областа на карикатурата и сигурно најголемиот македонски извозен бренд во културата. Во деновите кога се одржува оваа светска манифестација Скопје е главниот град на светската карикатура, собиралиште на карикатуристи од цел свет, место каде што се разговара за карикатура вчера, денес и утре.
во 1969 го пушти да лета гулабот – симболот на Светската галерија на карикатури
Во 1970 година ОСТЕН влегува во состав на НИП Нова Македонија сè до 2004 година кога Нова Македонија, а со тоа и ОСТЕН, отидоа во стечај. Во овој период ОСТЕН има видни домашни и меѓународни активности и голем придонес во афирмација на карикатурата. ОСТЕН беше иницијатор за формирање на првото Здружениеа на карикатуристи во светот, а тоа беше Здружението на карикатуристи од Македонија (ЗКМ), кое во 1984 година беше иницијатор за формирање на Светската федерација на организации на карикатуристи ФЕКО (FECO – Federation of Cartoonists Organizations – https://www.fecocartoon.com/index.php/feco-mainmenu-48/what-is-feco-mainmenu-32/141-the-history-of-feco). Седиштето беше во Скопје и прв председател беше Ана Василевски.
Во овој период уредници на ОСТЕН беа: Дарко Марковиќ, Дукан Јелен, Владо Јоциќ, Ефтим Проески, Ѓуро Варга, Боро Пејчинов, Живко Павлов, Љупчо Силјановски, Димитар Чудо, Ане Василевски.
Во овој период карикатуристите од ОСТЕН беа на повеќемесечна специјализација во Загреб Филм, Загреб и подоцна го формираа студиото за цртан филм кој подоцна влезе во рамките на Вардар филм.
Во 1984 година во Тренто Италија ОСТЕН ја добива Наградата за најдобар медиум во Европа.
Од 2004 година ОСТЕН е приватна институција, мал тим од 7 луѓе: Мице Јанкуловски, Корнелија Конеска, Стефан Јанкуловски, Ангела Костова, Наташа Илиевска, Мерт Расим, Зоран Јорданов.
Во 2009 година како континуитет на Светската галерија на уметност на хартија се роди ОСТЕН БИЕНАЛЕ. Ова манифестација е единствена од ваков вид во Македонија, на оваа манифестација учествуваат и добитници на награди се најголемите имиња во светот на уметноста како: Пистолето, Кошут, Кабаков, Сулаж, Марина Абрамовиќ, Кристо итн. Добитници на наградата светско културно наследство се меѓу најголемите уметници во историјата на уметност, како: Пикасо, Вазарели, Мур, Кокошка, Миро, Дали, Пандилов, Наумовски…
Оваа манифестација е едно од основите кои го формираат ОСТЕН МУЗЕЈОТ. Денес ОСТЕН музејот е наша гордост и во него имаме збирка од околу 15000 дела.
НОВА: Изложбата во Чифте амам беше првиот од серијата настани во чест на 80-годишнината на Остен. Кои се фактите и кои се Вашите импресии од овој настан?
Јанкуловски: Отворањето на изложбата за нас повеќе претставува празник, отколку само успешно завршување на една од носечките активности на ОСТЕН – ОСТЕН БИЕНАЛЕТО за современи визуелни уметности Скопје. Активностите на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024 кои со голем успех се одвиваа во текот на целата 2024 година, имаа своја завршница на 6 фев. 2025 (чет.) во 19 ч. во Националната галерија на Р. С. Македонија – Чифте амам Скопје со отворањето на официјалната изложба и доделувањето на награди и признанија на уметници и сорботници на ОСТЕН. Овој настан е уште позначаен со оглед на фактот што е првиот во низата настани планирани во оваа јубилејна година – 80 години од постоењето на ОСТЕН!Симболично, на изложбата изложуваат 80 наградени уметници и финалисти од над 40 земји, од кои повеќето лично дојдоа во Скопје од различни страни на светот да ги примат наградите. Изложени се дела од визуелните уметности – уметност на хартија, сликарство, објекти, инсталации, фотографии, видео и мултимедијална уметност.
На самото отворање, во еден момент целиот простор на НГМ – Чифте амам беше преполн со посетители, така што една од наградените уметници која успеа да дојде од Кипар, не успеа да влезе во салата каде што се одвиваше доделувањето на наградите за да ја подигне својата заради гужвата во салата … и сето тоа не исполнува со големо задоволство и со надеж дека сепак, уметноста е таа што ќе не спои, поврзе, помири и што ќе не води напред – и национално и интернационално.Уште поголемо е задоволството од постојаните јавувања со честитки за настанот, за постигнатото на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО, а особено со честитки за 80-годишнината од ОСТЕН. Ние од своја страна сме многу задоволни што поголем дел од наследниците на покренувачите на ОСТЕН се одзваа на поканите и имавме чест и задоволство да им врачиме Благодарници.
Од НГМ – Чифте амам секојдневно добиваме информации за многубројна посета на изложбата, а исто така има интерес за одржување на комплементарни настани како водење низ изложбата со објаснување од страна на кураторот на изложбата Корнелија Конеска на различни групи – студенти, амбасадори, итн.
Со еден збор – овој месец е круна на сите активности на ОСТЕН меѓу двете биенални години и според реакциите на учесниците (уметниците од цел свет) и посетителите – исклучително успешен и во однос на број на учесници и посетители, и во однос на квалитетот на понудената содржина.
НОВА: Кои се клучните критериуми за селекција на уметниците и делата на Биеналето?
Јанкуловски: Во своето делување, ОСТЕН вклучува кредибилни поединци и организации со кои го унапредува нивото на организацијата на програмските активности и како резултат на тоа, со задоволство го гледаме растечкиот интерес кој ОСТЕН БИЕНАЛЕТО го предизвикува кај нашата и кај меѓународната јавноста со секое ново издание, за што говорат бројките: на ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје 2024 учествуваа 273 уметници од 51 земјa со 863 дела!
Огромниот интерес за учество на ОСТЕН БИЕНАЛЕТО Скопје 2024 бараше посебен професионален пристап при процесот на селекција и жирирање, при што беа вклучени врвни професионалци. Корнелија Конеска беше селектор и интернационално жири во сосав Бруно КОРА, Италија (претседател); Пик КЕОБАНДИТ, Белгија (член) и Маја КОЛАРИЌ, Србија (член) одлучуваа за наградите. Така, покрај извонредните квантитативни показатели, во текот на процесот на селекција и жирирање заклучиме дека имаме издание со исклучително квалитетни уметници!
НОВА: Колку е важно за Вас што многу наградени уметници лично дојдоа во Скопје?
Јанкуловски: Паралелно со интересот што ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје го предизвикува во нашата и меѓународната јавност, паралелно со зголемувањето на бројките и квалитетот на пристигнатите дела, се повеќе уметници доаѓаат на отворањето на официјалната изложба и доделувањето на наградите – и тоа посебно нè радува! Зашто, професионалниот дел е секако најзначајниот дел од работата, но комуникацијата со уметниците, дружењето, споделувањето на задоволството, искуството и вмрежувањето – е она што е исто така значајно и што ни носи вистинско задоволство!НОВА: Како лично ја доживувате улогата на Остен во македонската и светската уметност, се разбира и во светот на карикатурите?
Јанкуловски: Еден така долгорочен бренд како ОСТЕН има свој специфичен развој.
СВЕТСКАТА ГАЛЕРИЈА НА КАРИКАТУРИ, е формирана од прогресивната меѓународна заедница и уште од самиот почеток била (како што говори и самото име) светска, меѓународна. Од самиот почеток оваа манифестација била препознаена како своеврсен феномен зашто била место на средба на карикатуристите од исток (источен блок) и запад (западен блок) … кои немале можност да комуницираат заради долгогодишната „железна завеса“, па едвај чекале да дојдат во Скопје и да се дружат меѓусебно.
Што значи Светската галерија на карикатури во светот на карикатурите ќе илустрирам само со овој пример: да бидеш во каталогот на СГК значи дека си ОДЛИЧЕН КАРИКАТУРИСТ, а да бидеш награден – значи дека си СВЕТСКИ ВРВЕН КАРИКАТУРИСТ!. Светската галерија на карикатури е РЕПЕР, СТАНДАРД за КВАЛИТЕТ во светот на карикатурите и не случајно наградените карикатуристи на СГК Скопје во своите земји добиваат свои Музеи на карикатура, или државни пензии и секако се меѓу најценетите во своите заедници.
ОСТЕН БИЕНАЛЕТО почива врз организационите принципи на Светската галерија на карикатури, но во областа на современите визуелни уметности. Самото тоа што најголемите имиња во светот на уметноста со задоволство прифаќаат да соработуваат со нас, почнувајќи од последниот добитник на ГРАН ПРИ за животно остварување на ОСТЕН БИЕНАЛЕ Скопје 2024 – Микеланџело ПИСТОЛЕТО, Итлија, па Џозеф КОШУТ; Илја и Емилија КАБАКОВ; Пјер СУЛАЖ; Тони КРЕГ; Марина АБРАМОВИЌ; КРИСТО, Владимир ВЕЛИЧКОВИЌ; Јоже ЦИУХА и цела плејада етаблирани современи уметници – говори за фактот дека влијанието на брендот ОСТЕН е несомнено!
Од наша страна пак, во линија со нашата мисија, ги поврзуваме на едно место светски етаблираните уметници со оние кои допрва доаѓаат, така што ОСТЕН БИЕНАЛЕТО е вистинско место на средба на различни генерации на уметници! Секако, македонските уметници ни се први во фокусот и организацијата на една ваква, меѓународна манифестација во Скопје говори за фактот дека македонските уметници природно се дел од меѓународната уметничка сцена.
НОВА: Како денес може да се оцени вредноста на каракатурата како ангажирана уметност, посебно како влијателна критика на актуелните состојби? Во светот, дали карикатурата е во криза или глобално има перспектива? Ова ново технолошко, дигитално време, колку е погодно или непогодно за оваа, би рекла, критичка уметност?
Јанкуловски: Карикатурата е уметност на пренесување на пораки, а со оглед на тоа што најчесто тематски се однесува на актуелните состојби во опкружувањето, скоро секогаш е ангажирана.
Во врска со ова прашање мислам дека најилустративно е да го цитирам мојот драг пријател, соработник и голем пријател на ОСТЕН, Мидхат Ајановиќ – Ајан (роден во Сараево, БиХ а живее и работи во Гетеборг, Шведска), карикатурист, автор на анимирани филмови и автор на книги со карикатури за литература и новинарство. По основ на ова прашање, тој вели:
„Развојот на историјата на медиумот на хумористичното цртање може да се подели на неколку поглавја каде првото се случило во самиот почеток на нашата цивилизација. Родното место на карикатурите е нашиот интелект, или поточно кажано: човекот почна да прави хумористични слики во исто време кога почна да ја развива својата интелигенција.
Модерната карикатура е тесно поврзана со печатот и печатените медиуми. Нејзиниот развој започна од карикатурата во доцниот среден век, па сè до карикатурите во дневниот печат и периодичните списанија на почетокот на 20 век. Тие обезбедија услови за формирање на јазикот и естетиката на хумористичниот цртеж, кој во основа се среќава во четири форми: карикатура (портретна и со дејство), стрип и цртан филм – секој со своја техничка, естетска и знаковна посебност.Дигитализацијата, која е феномен на нашето време, со своето влијае врз уметничките практики, механизмите на дистрибуција и динамиката на конзумирање, на карикатуристите им понуди цел сет на нови естетски опции. Така, дури иако рутински занемарена од елитната уметност, карикатурата отсекогаш била одлично средство за изразување на човечкиот дух во рамките на неговото секојдневие и неговите социјални и културни традиции.
Карикатурата во голема мера зависи од разбирањето на сложениот мулти-кодиран квалитет и интеракцијата со симболичната, сатиричната или пародичната намера на авторот, искривувањето и претерувањето. Притоа, интерпретацијата на карикатурата се заснова врз пактот меѓу карикатуристот и јавноста, на активното учество на гледачот-читател со потреба од критичко и сатирично перцепирање на современото општество. Така, карикатурата манифестирана како сатира или пародија, секогаш е одраз на начините на размислување за светот во едно одредено општество во текот на одреден временски период.
Проширениот опсег на технолошки и медиумски средства кои го обликуваат секојдневниот живот создадоа човек со духовен пад и слабости. Но покрај тоа, денес, кога се чини дека сè е лесно достапно, евтино и банално („сè е на Интернет“) сè уште постои карикатурата како што беше на почетокот на човековиот развој за да нè предупреди на недореченоста и несовршеноста на нашата технолошка цивилизација. Во ова време, карикатурите ни помагаат да ги одржуваме работите во рамнотежа, нè потсетуваат дека нашите мисли и чувства, нашето знаење и смисла за хумор не смеат да се складираат туку треба да се изразат, а секако карикатурите и нè засмејуваат“.
Ова е одлична илустрација на она што била и што е денес карикатурата, јас се сложувам во целост со погоре напишаното и немам што да додадам…
НОВА: Во Македонија, колку карикатурата покренувала на промени, колку нејзината критика може да ги менува состојбите на подобро или колкава беше порано, а колаква е денес моќта на карикатурата овде?
Јанкуловски: Моќта на карикатурата лежи во разобличувањето на дефектните точки во општеството, во изострувањето на перцепцијата на конзументите на карикатурите преку сатирично, креативно и инвентивно претставување на состојбите во општеството. Исто така таа треба да не засмејува! Само таа особина на карикатурата има голема моќ и нејзиното отсусво од дневните текови е голема загуба.
Само едноставна споредба колку беше поддржан Остен и Светската галерија на карикатури порано и колку е поддржан сега – сликовито говори за односот на македонското општество кон карикатурата, а со тоа и на можноста карикатурата било како да влијае врз состојбите во него.
Безбројни се сеќавањата за изложбите на Светската галерија на карикатури низ годините, кога на манифестацијата од посебен државен интерес 3 автобуси со карикатуристи од цела Европа, а секако само од Белград доаѓале во Скопје за отворањето, кога улицата од Макперол до НЛБ била забранета за сообраќај заради големиот број на посетители во прекрасната Галерија на карикатури Остен, која денес е срушена.. А весникот „Остен“ со различна динамика, но континуирано се печатеше.
Денес, таквата широка општествена поддршка изостанува, ние се трудиме најдобро што можеме да ја одржиме Светската галерија на карикатури, весникот „Остен“ е во мирување – и тоа говори дека можноста за влијание на карикатурата е сведено на минимум.
НОВА: Дали сè помалиот број печатени весници и списанија на некој начин ја умираат карикатурата, го затвораат просторот за неа и каде таа, освен по изложби, да ја бара својата егзистенција?
Јанкуловски: Веќе подолг период наназад медиумите не негуваат култура на слобода на изразувањето, замреа традиционалните медиуми каде порано бевме навикнати да ги гледаме карикатурите, на прво место Остен како печатен медиум, така што карикатуристите останаа без мегдан, без услови за работа.. Не само што не беа платени за својот труд, туку беа заќутувани… така малку по малку професионалните карикатуристи се изгубија, а со нив и еден многу значаен момент – негувањето на критичката мисла и пренесувањето на тој дух на младата генерација.
Потребен е отворен медиум, или подобро отворени медиуми за негување на хуморот и сатирата, критичкото размислување и пренесување на тие здрави концепти на младите – како публика и како идни карикатуристи.
Од друга страна, интернетот нуди толку многу погодности и достапност па карикатуристите на глобално ниво веќе го освоија и освен во класичните електронски изданија на дневните весници и периодичните магазини се повеќе се јавуваат на професионални онлајн платформи специјализирани за карикатури, така што како изразна форма таа денес се развива во чекор со времето.
НОВА: Има ли иднина, има ли ентузијасти кај помладите генерации и колку ним Остен им значи?
Јанкуловски: Односот на помладите кон карикатурата? Речиси никаков! Но не се тие виновни… На таа тема, Остен во 2017 г. направи прекрасен проект поддржан од Програмата за грантови на комисијата за демократија од Амбасадата на САД во Македонија со наслов “Доза на сатира за здрава демократија”.
Целната група на проектот беа деца на возраст од 14-18 години и целта на проектот беше на децата да им се доближат поимите за демократија преку карикатурата. Децата беа прекрасни! Креативни, инвентивни, будни, остроумни… Значи вината е во нас!
Ние сме тие што треба на соодветен начин да ги информираме, анимираме и мотивираме помладите генерации и да им пренесеме вистински вредности и вистински начини како критички да го перцепираат општеството, како да ги изострат сетилата за да препознаат и да се залагаат за правда, рамноправност, емпатија, итн. Остен тука би можел да биде од исклучителна помош. Основен предуслов за да има публика меѓу помладите генерации е да се понуди добра програма. Со активностите кои ги има, Остен нуди исклучително добра програма и истовремено е многу активен за анимирање на публиката.
Публиката се гради и се оджува. Секаде е така!.. До публика со истенчен вкус за уметност и критичка мисла не се доаѓа преку ноќ. Тоа е вообичаено системски пристап на активности кои содржат елементи на соодветна информација според целната група на која се обраќа, соодветна промоција по различни комуникаиски канали и едукација. Живееме во општество кое се базира врз знаење, па информацијата и едукацијата се клучни. Во тој правец потребно е подобро поврзување со образовните институции и медиумите…
Споменав наш изолиран проект на оваа тема, но вистинското влијане врз младите генерации бара системски пристап, а системските решенија како општество не ни се воопшто силна страна. Така, остануваат времето и стихијата да покажат каква иднина претстои за помладите генерации.
НОВА: Што следно планира Остен? Како гледате на иднината на Остен?
Јанкуловски: Верувам дека многумина имаат слично искуство, но чудно е дека побрзо го препознаваат твоето работење надвор од земјата, отколку во твојата земја. Остен од 1969 година, од основањето на Светската галерија на карикатури е СВЕТСКИ БРЕНД.
Нашето делување е меѓународно и скоро сите соработници го препознаваат нашето работење како исклучително. Остен доби Светско признание за посветеност кон квалитетот во Париз, 2016 година. Да, добиваме понуди за соработка од институции од други земји, кои ни нудат одлични можности за поставување на нашите активности надвор од Македонија.
Искрено се надеваме дека и во Македонија ќе се препознае делувањето на Остен во уметноста и културата како активности од државен интерес и ќе почнеме да работиме потесно со ресорните институции користејќи ги сите позитивни практики на соработка како јавно приватно партнерство и други слични позитивни искуства.
Најпосле, секое издание на официјалната изложба на ОСТЕН БИЕНАЛЕ предизвикува се поголем интерес, па ете, почнавме да предизвикуваме внимание и во македонската јавност. Во секој случај – светот е глобален, земјата е тркалезна, Остен е отворен за сите можности…
НОВА: За Вас лично, што Ве држи да го крепите Остен?
Јанкуловски: Одржувањето на Остен и мојата уметност е мојот начин за придонес кон општеството, кој јас уште одамна сум го одбрал, најпрвин несвесно.Според мене, времето не се мери со часови, туку тоа се мери со настани. Јас сум проживеал повќе човечки животи градејќи и создавајќи вредности, најпрво како индивудуален порив а потоа и како придонес кон општеството.
Мојот придонес и придонесот на секој од нас поединечно, секој на свој начин, представува пиксел од дигиталната слика која ќе сведочи пред идните генерации за степенот на развој на општеството во времето во кое живееме. А времето во кое живееме е реалноста која не сме ја наследиле од нашите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца!
Затоа пред нив треба да се исправиме гордо и да испорачаме општествени, културни и уметнички вредности и да воспоставиме систем на вредности со кој тие утре ќе можат да го мерат дури и немерливото…
Преземено: Нова ТВ