Собранието на Република Северна Македонија денес стана сведок на одбивањето на предлогот за намалување на ДДВ за електричната енергија и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, предложен од опозициската СДСМ. Пратеникот Фатмир Битиќи на прес-конференција остро ја критикуваше одлуката на владејачкото мнозинство, нагласувајќи дека тоа покажува отуѓеност од проблемите на граѓаните.
„Наместо да донесат одлука што директно ќе го олесни товарот врз семејните буџети, пратениците од владејачката коалиција одбија да ги поддржат измените и дополнувањата на Законот за ДДВ. Нашиот предлог предвидуваше намалување на ДДВ-то за електричната енергија од 18% на 5% и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи“, изјави Битиќи.
Според него, ова било можност да се ублажи економската криза, но наместо тоа, мнозинството ја продолжило „политиката на игнорирање на реалноста“.
Колкава ќе беше заштедата за граѓаните?
Битиќи истакна дека со намалувањето на ДДВ за струјата, сметките за електрична енергија ќе се намалеа за 13%, што би значело заштеда од околу 400 денари месечно за семејство со просечна потрошувачка од 3.000 денари.
Дополнително, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе доведеше до поевтинување на над 3.000 артикли, вклучувајќи леб, брашно, млеко, јајца, масло и шеќер.
„Во време кога цените на храната растат без контрола, а електричната енергија е една од најскапите во регионот, ваквите мерки ќе значеа директно олеснување за граѓаните“, нагласи пратеникот од СДСМ.
Политички калкулации наместо решенија?
Од СДСМ обвинуваат дека власта наместо да го поддржи предлогот, се водела од политички калкулации.
„Ветуваа повисоки плати, а граѓаните денес купуваат помалку со истите приходи. Ветуваа енергетска независност, а ние увезуваме повеќе струја. Ветуваа подобар живот, а потрошувачката кошница денес изнесува 63.773 денари, што е речиси 3 минимални плати“, рече Битиќи.
Тој најави дека СДСМ ќе продолжи да се бори за мерки кои ќе спречат ценовни злоупотреби, како што се замрзнување на цените на основните производи, фиксни маржи, поевтин „зелен картон“ и зголемување на платите преку замрзнување на придонесите.
„Нема да кренеме раце. Остануваме на страната на граѓаните“, порача Битиќи.