Пред точно две години, на 28 февруари 2023 година во Грција се случи една од најголемите железнички несреќи во изминатите најмалку 50 години, кога два воза, патнички и товарен движејќи се по иста шина, но во спротивна насока директно се судрија кај месноста Темпи, 57 лица го загубија животот, над 100 беа повредени, а две години подоцна, сè уште остануваат неодговорени низа прашања околу причините, додека судскиот процес воопшто не е ни започнат, јави дописничката на МИА од Атина.
Годишнината од несреќата ќе биде одбележана со 382 протести, од кои 262 во Грција и 120 во странство, а синдикатите од утрово започнаа генерален штрајк, што целосно ќе ја парализира земјата.
Две години подоцна, сеќавањата се сè уште свежи, семејствата на загинатите, но и граѓаните бараат правда, особено поради тоа што континуирано во јавноста излегуваат нови информации и докази, а денешните протести, според најавите, се очекува да бидат меѓу помасовните во изминатите години.
Дополнително, вчерашниот опширен извештај на 178 страници на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), две години подоцна, дава објаснувања на дел од неодговорените прашања.
Експертите забележуваат низа пропусти и недостатоци во грчката железница; уништени податоци и докази на местото на несреќата; можно присуство на непознато гориво што ја создаде огнената топка по судирот на патничкиот и товарниот воз, но и дека за пет до седум загинати, причината за смртта е пожарот.
Една од најголемите железнички несреќи во Грција во изминатите 50 години
Кусо пред полноќ на 28 февруари 2023 година во новинарските кругови во Грција започна да се шири информација дека во близина на Лариса постои проблем со воз, првично дека најверојатно излетал од шините, но без да има јасна слика дали е патнички или товарен и што точно се случило.
Следеа првите неофицијални информации за директен судир на два воза кај месноста Темпи, за десетици возила на брзата помош што од околните градови се упатуваат кон местото, а потврдата дека станува збор за сериозна несреќа, индиректно, дојде од кабинетот на грчкиот премиер од каде што новинарите беа информирани дека Кирјакос Мицотакис ја откажува посетата на Солун закажана за следниот ден.
Ноќта беше долга, почна полека да се открива големината на несреќата, беа соопштени првите официјални податоци, десетици загинати и уште толку повредени. Спасувачките екипи цела ноќ беа на терен, нивната акција траеше со денови, а Грција живееше една од најголемите железнички несреќи во изминатите 50 години.
Два воза, едниот товарен, другиот патнички, со околу 350 патници, околу десет минути, со голема брзина се движеле на иста шина, но не еден зад друг, туку еден кон друг, едниот од Атина кон Солун, другиот од Солун кон Атина, со резултат директниот судир да биде неизбежен и 57 лица да го загубат животот, а десетици да бидат повредени.
Според извештајот на Националната управа за истрага на авионски и железнички несреќи и безбедност на транспортот (ЕОДАСААМ), товарниот воз се движел со брзина од околу 90 километри на час, а патничкиот со околу 150 километри на час (и двата во рамките на дозволената брзина), меѓутоа на иста шина во спротивна насока, а за мнозинството од загинатите судирот бил кобен и токму тоа е причината за смртта.
Двете локомотиви на товарниот воз излетале на соседната пруга и удриле во вертикален потпорен ѕид, локомотивата и првиот вагон на патничкиот воз биле катапултирани на другата страна од пругата, а при ударот на земја биле целосно уништени. Следел втор, речиси директен судир меѓу вагонот-ресторан од патничкиот воз и првиот вагон од товарниот воз натоварен со челични плочи.
-Во меѓувреме, се формираше огромна огнена топка која изгледаше како да се движи со патничкиот воз. Во настанатите пожари на долниот терен целосно изгореа вагонот-ресторан и вагонот од втора класа, пишува во извештајот, а според шефот на единицата за истраги на ЕОДАСААМ Костас Капетанидис посочи дека за пет до седум лица, причината за смртта е оган.
Останува енигма од што се создаде огнената топка
За експлозијата и создадената огнена топка, сè уште, две години подоцна никој со сигурност не може да каже што ја предизвика.
Во изминатите две години, постоеја низа шпекулации во Грција за тоа што пренесувал товарниот воз, имаше сценарија дека е натоварен со нелегална пратка, со експлозивни или запаливи материјали, но дека причината се силиконските масла од локомотивите, за кои Барт Аку од европската железница, посочи дека „многу малку веројатно да има основна улога во формирањето на огнената топка“.
Капетанидис истакна дека огнената топка била многу голема, дека не постои индикација дека железничкиот материјал го предизвика пожарот и „можно е постоење на едно, засега непознато гориво“, а со идентичен став е и Аку, кој објасни дека она што било пријавено дека го пренесува товарниот воз „не ја оправдува огнената топка“.
Во текот на минатиот месец во јавноста излегоа нови информации од истрагата на техничкиот советник, ангажиран од семејствата на загинатите, според која околу 30 лица го преживеале сударот на патничкиот со товарниот воз, но загинале од запаливите течности, по експлозијата што предизвикала недостаток на кислород, по што во Грција интензивно се поставуваше прашањето што точно превезувал товарниот воз и дали постоел нелегален товар.
Од компанијата „Хеленик трејн“ (Hellenic Train), тогаш излегоа со соопштение во кое објаснија дека товарниот воз имал 13 вагони, од кои првите три, кои излетаа од шините, „превезуваа широки производи за ламинирање од железо (лим)“, во четвртиот, петтиот, шестиот и седмиот вагон имало прехранбени продукти, во следните два имало пива, во другите два имало железни жици, а последните два биле со празни контејнери.
Соопштението дојде откако грчкиот премиер во интервју откри дека, иако 15 дена по несреќата рече дека во товарниот воз немало ништо сомнително, сега, посочи дека тогаш не направил грешка, туку ги пренел информациите што ги имал, а ја остави отворена можноста, во случај да се докаже дека се пренесувал нелегален материјал, тогаш компанијата ќе треба кривично да одговара.
Дел од опозициските партии во Грција, но и дел од семејствата на загинатите во изминатиот период тврдеа дека на местото на несреќата неколку часа по судирот постоеле интервенции и просторот не бил затворен, за што експертите од ЕОДАСААМ рекоа дека биле уништени податоци и докази на самото место, но и дека тоа се должи на недостиг на знаење и подготвеност на службите за толку голем случај, како што беше железничката несреќа.
За обвинувања дека Владата се обидува да прикрие нешто, грчкиот премиер во интервју минатиот месец објасни дека „некои одлуки беа донесени на терен“, а за него лично, грижата во тој момент била да се извлечат и да се идентификуваат телата, посочувајќи дека ако биле донесени одредени оперативни одлуки, не знае и не мора да знае за тие одлуки.
Во железничката несреќа загинаа 57 лица, 56 тела беа пронајдени и идентификувани, едно никогаш не беше пронајдено, а повредни беа над 100 лица.
Најголемиот број од патниците во возот беа студенти, кои биле на продолжен викенд и се враќале или дома или во универзитетскиот кампус.
Меѓу првите три вагони, кои беа најпогодени беше и вагонот-ресторан, кој поради јачината на судирот се превртел врз други два вагони и се запалил, што дополнително ја отежна идентификацијата на загинатите.
– Треба да се нагласи дека во конкретниот вагон избувнал пожар и се развиле особено високи температури кои достигнале дури 1.300 степени Целзиусови, факт што ја отежнува идентификацијата на луѓето кои биле внатре, рече тогаш портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис.
Од 57 загинати, 25 биле токму во овој вагон, во вагонот-ресторан.
Полесно повредени беа оние од последните вагони, додека пак во првите три, ситуацијата со која се соочиле спасувачите била застрашувачка.
Веднаш по несреќата беше прогласена тридневна жалост, грчкиот премиер и лидерите на опозициските партии го посетија местото на трагедијата, а граѓаните се собраа во Атина за да им оддадат почит на загинатите, но и да побараат одговорност.
„Пиши кога ќе стигнеш“, беше главниот слоган под кој тогаш се одржаа низа масовни протести во Атина и други грчки градови веднаш по несреќата, додека пак годинава главниот слоган е „Немам кислород“, откако на средината на јануари во медиумите беше објавен аудиозапис од телефонски повик на бројот 112 за итни случаи во кои се слушаат повиците за помош, меѓу кои и женски глас што вели „Немам кислород“.
Две години по трагедијата, семејствата сè уште очекуваат одговори.
Според надлежните главните причини за несреќата се човечка грешка на одговорниот на железничката станица во Лариса од каде што возот, по направената планирана станица продолжи кон крајната дестинација – Солун, како и недостиг на дигитален систем за контрола и следење на возовите, а беше уапсен и притворен шефот на железничката станица во Лариса, меѓутоа судскиот процес воопшто не е ни започнат.
Железничката несреќа кај месноста Темпи беше трета во конкретната област во изминатите 26 години, а претходните две се случиле на автопатот.
Првата во 1999 година кога автобус со навивачи на фудбалскиот клуб ПАОК се судрил со камион и седум лица го загубиле животот, а втората, во 2003 година, кога автобус со ученици се судрил со камион со 21 загинат.
Генерален штрајк во Грција
Најголемите грчки синдикати за денеска закажаа генерален штрајк што буквално ќе ја парализира земјата, нема да функционира бродскиот, авионскиот и железничкиот сообраќај, дел од рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, театрите ќе бидат затворени, а учествуваат и адвокати, фармацевти, лекари, студенти, ученици, просветни работници, и супермаркетите кои неколку часа ќе бидат затворени.
Бродовите се закотвени на пристаништата, железничкиот сообраќај ќе биде целосно во прекин, а поради штрајкот на контролорите на летање, откажани се сите летови од и кон Грција.
Јавниот превоз во Атина, односно автобусите, тролејбусите ќе учествуваат во штрајкот и нема да сообраќаат, а единствено метрото и трамваите кое ќе работи од 9 до 17 часот со цел да им овозможи на граѓаните да стигнат на протестот во центарот на градот.
Грчката метропола ќе биде и без такси превоз, со оглед на тоа што такси возачите организирани од нивниот синдикат учествуваат во штрајкот, меѓутоа преку иницијативата „такси на солидарноста“ – нешто што првпат се спроведува во Грција, на четири различни локации во Атина таксисти волонтери, бесплатно ќе ги пренесуваат граѓаните до плоштадот Синтагма каде што ќе се одржи протестот.
Во Атина собирот е закажан за 11 часот по локално време, а ќе се преземат зголемени безбедносни мерки, според грчките медиуми, со ангажирани над 5.000 полицајци.