Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не знам дали некаде има берза (не анкети на разноразни ѓаволинести скотови) на политичките акции, но знам дека за време на директниот телевизиски пренос од разговорот во Тркалезниот кабинет меѓу американскиот претседател, неговиот безобразен заменик Ванс и украинскиот премиер Зеленски, американските обврзници вчера доживеаја драматичен пад каков што обично се случува во црните петоци. Мислам дека акциите на трампизмот паднаа на најниско ниво од инаугурацијата на новиот претседател, а на Америка од масакрите во Ми Лаи и целиот Виетнам, во Ирак, во Чиле, во Авганистан, во Газа…
Со многу лоши прогнози околу можното опоравување.
Трамп беше театрален, а Ванс безобразен.
Во некои коментари ги нарекуваат териери и животни.
Со право.
Зеленски беше феноменален: смирен, со став, категоричен, дури и благо циничен, а сепак конструктивен. Со респект кон ситуацијата и во Вашингтон и на фронтот, со почит и благодарност кон Америка, американскиот народ и американските водачи, но не со потчинетост. Што ги фрапираше црвенокосите домаќини.
Со јасна определба за мир.
Но, праведен мир.
Не мир како победа на “терористот” и “убиецот”, како што го нарече рускиот автократ.
Силата што Трамп, Ванс и Маск ја испразнија од вредностите кои до вчера беа еднакво важни, ако не и поважни од бомбите ракетите, носачите на авиони и другото оружје, заедно со парите, се покажа немоќна пред правото и правдата, пред смирениот, но категоричен начин тие вредности да се бранат и во најтешки околности, насилството, театралното заплашување на гостинот, парадата на невоспитаност и безобразлук, на измислици и подметачини, во директен телевизиски пренос завршија со нокаут за Доналд и ЏејДи Ванс Фјури од Александар Усик Зеленски.
Се разбира, горчината од таа победа украинскиот претседател и украинскиот народ допрва ќе мораат да ја голтнат, но тоа поведение на Зеленски во (славниот) Овален кабинет, беше единствена можност во дадената ситуација и тој тоа го одработи феноменално.
По гласањето за резолуциите во ООН, состанокот беше уште пострашен пораз за Трамп и неговото движење на глупоста, насилството, парадноста, познато како трампизам и огромен знак за тоа како слободниот свет треба да се бори против оваа галактичка несреќа, преземајќи ги сите неопходни ризици.
Во постојаното покажување на единство меѓу европските челници се повеќе од нив јавно го подржуваат украинскиот претседател.
И самите го чувствуваат ветерот на ослободувањето од стравот.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, напишаа на своите налози на социјалните мрежи дека достоинственото однесување на Зеленски му оддава чест на храброста на украинскиот народ.
„Биди силен, храбар и неуништлив. Никогаш не си сам, драг претседателе Зеленски. Ќе продолжиме да работиме со вас за праведен и траен мир.”
Германскиот канцелар во заминување Олаф Шолц, изјави
„Никој не сака мир повеќе од граѓаните на Украина. Затоа работиме заедно за да најдеме пат до траен и праведен мир. Украина може да се потпре на Германија. И на Европа.”
Холандскиот премиер Дик Шуф изјави дека Холандија ќе продолжи да ја подржува Украина. Особено сега. Сакаме траен мир и крај на агресивната војна што ја започна Русија. За Украина за целото нејзино население и за Европа.
Луксембуршкиот премиер Лук Фриден рече дека Луксембург е со Украина. „Вие се борите за својата земја и за меѓународниот поредок врз основа на правилата.”
Премиерот на Шведска:
„Шведска стои зад Украина. Вие не се борите само за слободата на вашата држава, туку за цела Европа!”
Премиерот на Канада:
„Русија ја нападна Украина. Борбата на Украинците за демократија, слобода и суверенитет е борба за сите нас!”
Претседателот на Франција:
„Имаме агресор. Тоа е Русија!
Имаме жртва. Тоа е Украина!
Благодарност до сите коишто ѝ помагаат на Украина и почит за оние коишто се борат за својот дигнитет, за својата независност, за своите деца и за безбедноста на Европа!”
Премиерот на Хрватска:
„Хрватска цврсто верува дека на Украина ѝ треба праведен мир – мир што значи суверенитет, територијален интегритет и безбедна Европа!”
Премиерот на Шпанија:
„Украина, Шпанија стои позади тебе!”
Премиерот на Полска:
„Драг Зеленски, драги украински пријатели – не сте сами!”
Поддршка за Украина вчера стигна и од Белгија, Чешка, Ирска, Финска, Латвија, Литванија,
Од македонската претседателка и од премиерот на Нордот не доби ништо.
Исто како и граѓаните на Македонија.
Јас мислам дека утре да појде во Вашингтон дури и Вучиќ не би се однесувал како мало дете кое заборавило да напише домашна задача и не ја научило напамет американската химна.
Хахаха!
Трамп и Ванс ја уништија симболиката и реалната моќ на Овалниот кабинет. Тоа е лош знак за трампизмот и истовремено јасен знак за тоа дека Америка по изборите е на многу погрешен пат. Трамп се разбира нема да се повлече или нешто важно да смени во своите политики, но светот е сменет од вчера и на друг начин ќе го третира.
Освен Нордот со кој раководи вмро што е нешто како канализација со која доминираат стаорци и глисти.
Во интервјуто за Фокс њуз Зеленски рекол дека не гледа зошто би требало да му се извини на Трамп, но дека се надева дека нивните односи ќе се поправат во интерес на постигнување на траен и праведен мир.
Од расправата во Белата куќа забележав и некои други позитивности.
Трамп рекол дека ќе им пратат оружје на Украинците и дека компромисот за Украина нема да биде толкав како што се зборува, дека Америка останува верна на нато…
Мојот пријател Шоповски напиша во еден коментар: Зеленски ќе го обедини здравото ткиво на Европа.
Не бих имао што за додати.
Каква убава сабота!
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Текстот е личен став на Авторот. Сите права се задржани.