Пишува: ТРАЈЧЕ КАЦАРОВ
(„Не треба да имаш многу ум, треба на време да ти доаѓа!“ -така велеше мојата мајка.)
На невкусот секогаш и насекаде треба да му кажеш не, пее Којо со „Дисциплина кичме“.
Кога се појави „Белградскиот нов талас“ во рок музиката, најмалку внимание посветував на музиката на Којо. Не сакам да кажам дека ми беше премногу авангардна, зашто не ја чувствував како таква. Ми недостасуваа повеќе стихови во песните кои ќе имаа задача да ја зацементираат пораката. Во тоа време ми требаше многу материјал, многу остри стихови, за организиран младешки бунт. Пред извесно време прочитав за Дадо Топиќ дека во своите стихови внесувал премногу сентимент, па на моменти прозвучувале како жалопојки. Во мојата младост – Џубокс генерација, да прочитав таква критика, оценувачот ќе го прогласев за најголем рок еретик. Петпарични беа стиховите на другите ЈУ групи, поготово на оние кои ги црпеа мотивите за своите творби од патосот на босанскиот фолклор. Никако не можев да го споредам стихот „Оп цуп ќе поскокнам, друга девојка ќе бакнам“ (Бјело Дугме ) со оние: „Лондон седумдесет и петта/ во бескрајното море што го чини тој свет/ јас стојам сам/ зашто само да пеам знам.“ („Живот во чизмите со висока пета“ Д. Топиќ) Денес кога, сосем случајно, преслушав не мал дела од музичкиот материјал на „Дисциплина кичме“ сфатив дека вината е во мене, во мојата смисла за вредност. Не случајно се велеи –Движењето по површината на уметноста е најголемата штета што може да и’ се нанесе. Можеби за моето задоцнето будење е виновно времето сегашно, времето во кое невкусот го доживува својот апогеј. Толку невскус има во уметноста што со право можеме да кажеме – тој кој не е свесен за тоа, не е здрав. Невскусот владе арогантно и дрско. Како на златното теле во земјата Ханаанска, идолопоклониците, лековерните, скокаат од радост и целосно му се предаваат. Кога ќе заклучиш дека никаков гласник господов, како Мојсеј со „Десетте божји заповеди“ не можат да го спасот светот од невкусот,очајот целсоно те презема и остануваш без очи и без слух, односно доживуваш емотивен колапс. А кога ќе видиш на каков начин и со кои те изневериле твоите љубови-музиката, литературата, театарот, сфаќаш дека во емотивниот колапс ти е есходата.
Оние што ќе помислат дека сум премногу малициозен, циничен, нека го погледнат безидејно организираниот сценски перформанс (деновиве емитуван преку ТВ канал) сигурно ќе се откажат од тоа да ми плукнат под проозорецот.
П.С. Во драматургијата стои, на она дело на кое му недостасува идеја, потребен му e добро органиузиран сценски живот за да преживее. Тоа го имаше во доделувањето на оскарите на популарноста.