Американскиот претседател Доналд Трамп нареди суспензија на сета воена помош за Украина, изјави за Блумберг на 3 март висок функционер на Министерството за одбрана, што го ескалира притисокот врз претседателот Володимир Зеленски само неколку дена откако жестоката размена во Овалната соба фрли сомнеж за американската поддршка за Кијив.
Според официјалниот претставник, целата американска воена помош за Украина е во мирување додека Трамп не утврди дека украинските лидери вложуваат вистински напори за мир, пренесува Кијив индипендент.
Директивата стапува на сила веднаш, со влијание на над 1 милијарда долари во оружје и муниција.
Официјален претставник кој зборуваше за Њујорк Тајмс под услов да остане анонимен, рече дека одлуката уследила по серијата состаноци во Белата куќа меѓу претседателот Трамп и неговите високи советници за национална безбедност.
„Претседателот беше јасен дека е фокусиран на мирот. Потребно ни е и нашите партнери да бидат посветени на таа цел. Ја паузираме и ја разгледуваме нашата помош за да се осигураме дека таа придонесува за решение“, изјави вечерва претставникот на Белата куќа, според Си-Ен-Ен.
Паузата влијае не само на идната помош, туку и на оружјето што веќе е во транзит, вклучително и пратките на авиони и бродови, како и опремата што чека трансфер во Полска.
САД обезбедија помош во вредност од 119,8 милијарди долари од почетокот на целосната инвазија на Русија во 2022 година, вклучувајќи 67,1 милијарди долари воена помош, 49 милијарди долари финансиска помош и 3,6 милијарди долари хуманитарна помош, според Килскиот институт за светска економија.
Одлуката уследи по спорниот состанок меѓу Трамп и Зеленски, каде што несогласувањата околу воената помош и стратешкиот став на Украина ги поттикнаа тензиите.
По средбата, Трамп рече дека Зеленски „не е подготвен за мир“.
„Тој не ги почитуваше Соединетите Американски Држави во нивната негувана Овална соба. Може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, објави Трамп на Truth Social на 28 февруари.
Белата куќа не прецизираше какви чекори мора да преземе Украина за да го врати протокот на воена помош, оставајќи неизвесност околу временската рамка и условите за нејзино продолжување.
Официјален претставник на Белата куќа, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Асошиетед прес дека Трамп очекува Зеленски да биде „посветен“ да преговара за мировен договор за ставање крај на војната. Дополнително, САД ја „паузираат и ја разгледуваат“ својата воена помош за да се осигураат дека „придонесува за решение“.
Во меѓувреме, како што пренесува Ројтерс според изјава на американски функционер и друг извор запознаен со дискусиите, Соединетите држави подготвуваат предлог за потенцијално олеснување на санкциите кон Русија, бидејќи претседателот Доналд Трамп работи на обновување на дипломатските врски и преговарање за крај на војната во Украина
Драган Мишев / Цивил Медиа