Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Мајка си го продаде новороденчето за 5.000 евра, па се предомисли. По породувањето, брачниот пар ја однеле на нотар каде потпишала изјава со која го признава за татко на новороденчето и му го дава старателството, доброволно оставајќи го на чување, воспитување и издржување. Веднаш потоа брачниот пар ѝ исплатил 4.000 евра, а подоцна кога го побарала детето да ѝ го вратат, ја одбиле нудејќи ѝ уште 1.000 евра и укажувајќи ѝ дека со потпишаната изјава таа веќе се откажала од него.
Ова се информациите кои ги споделиле надлежните институции.
Меѓутоа, ТВ Сител во својот прилог емитуван во ударните вести открија дека станува збор за родилка од ромската заедница која била во тешка финансиска состојба и со повеќе деца. Ете, ТВ Сител нѐ информира дека мајката што си го продала бебето за 5.000 евра била Ромка. Ама, не слушнавме од која етничка припадност биле купувачите!? (Не)намерно е направен „пропустот“ или…?
И која е целта со откривање на етничката припадност на мајката-шиткач?
Она што треба сите да нè загрижува, не е етничката припадност на мајката или тие што го „купиле детето“, туку колку такви деца досега се „шиткани“ за посвојување, човечки органи, проституција, просење или други криминални дејствија?
Ова е еден од тие случаи што треба да биде аларм за институциите и веднаш да преземат сериозни мерки.
Прво, не знаеме дали мајката имала лични документи или е фантом. Ако била „навидлива за системот“ тоа е уште полесно за „штанцање и шиткање“ на деца без никаков институционален траг. Неевидентираните лица во матичната евиденција најмногу ги засега т.н. ранливи категории граѓани, кој никако конечно да се реши.
Второ, како може нотар да одлучи кој е таткото на детето?
Трето, доколку мајката има(ла) соодветни услови за чување на децата, дом (социјален стан), храна, вода, струја итн. сакам да верувам дека не може да биде толку бездушна за 5.000 евра да си го продаде чедото, бидејќи децата немаат цена, тие се највредното и најскапоценото за еден родител. Детето не е автомобил да може да си го купиш за неколку илјади евра, па ако не ти чини да го „шитнеш“ на некој друг или „за делови“.
За шемата „купи-продај“ дете виновни се институциите кои не се грижат доволно за т.н ранливи лица. Оставаат простор да мислиме дека можеби мајката го продала едното дете за да може да ги прехрани останатите деца, можеби била присилена, а можеби тоа и беше најлесен начин на заработка.
Незнаеме…
Преземено: Цивил Медиа