– Фирмата ИЗОЛАЦИЈА Дамјан Силјановски и др. ДОО Увоз-Извоз Скопје во четири години добила 50 тина тендери вредни 10 милиони евра, речиси сите од општини под контрола на ВМРО-ДПМНЕ. Само во последните 3 месеци истата фирма добила три тендери со пет договори во различни скопски општини, сите предводени од градоначалници на ВМРО ДПМНЕ. Последните тендери кои ги добила се финансирани од унгарскиот кредит, кој граѓаните ќе го враќаат со високи камати, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Да биде скандалот поголем, додаде таа, компанијата претходно, во 2020 година е осомничена токму за местење на тендери во јавните набавки во општина Зелениково предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Оваа фирма веќе била гонета за местење тендери во 2020 година кога Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против поранешниот градоначалник на Зелениково и шест други лица. Истата фирма добила и 13 тендери во Општина Гази Баба, 9 во Кавадарци, а во последните месеци ги освојува и тендерите во Бутел, Кисела Вода и Аеродром. Последните тендери кои ги добила се финансирани од унгарскиот кредит.
„Клучно е каде завршуваат парите од унгарскиот кредит? Парите од овој кредит не се бесплатни – тие се враќаат од буџетот, односно од парите на граѓаните и тоа со камата. Jавноста има право да знае: Дали ова е механизам за финансирање на партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ? Дали парите завршуваат директно во „белата палата“? Дали граѓаните плаќаат огромни камати за унгарските кредити за власта да си ги дели со коруптивни тендери? Ова не смее да остане само скандал за кој ќе зборуваме денес. Очекуваме надлежните институции да реагираат веднаш!“, потенцират од опозициската СДСМ.
Првата транша од 10,4 милиони евра, средства од унграскиот кредит наменет за компаниите, се префрелени од централниот Буџет до Развојна банка, што практично значи дека оние фирми на кои им се веќе одобрени барањата за кредит ќе ги добијат и првите пари.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, трансферот е реализиран по доставено барање на Развојната банка за повлекување на средствата, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки.
Во Буџетот за 2025 година се планирани 250 милиони евра средства за поддршка на домашните компании со кои ќе се поттикне реализација на нов инвестициски циклус во приватниот сектор, којшто ќе влијае на поттикнување на економската активност.
За компаниите унгарскиот кредит е еден од најповолните и претставува скромна, но голема поддршка но велат дека не се сигурни дали оваа финансиска инјекција ќе предизвика економски бум, бидејќи според нив бизнисот е комплексна материја и не е едноставна состојба која брзо се решава.
Дестан Јонузи