Американските имиграциски агенти уапсија палестински дипломиран студент кој одигра значајна улога во пропалестинските протести на Универзитетот Колумбија во Њујорк, како дел од ветената акција на американскиот претседател Доналд Трамп против некои антиизраелски активисти, објави Ројтерс.
Махмуд Калил, студент на Факултетот за меѓународни и јавни односи на универзитетот, бил уапсен од агенти на американското Министерство за домашна безбедност во неговата универзитетска резиденција во саботата вечерта, се вели во соопштението на синдикатот Студентски работници од Колумбија.
Според извештаите, неговата сопруга е американска државјанка, бремена во осмиот месец, а тој има зелен картон за постојан престој во САД, соопшти синдикатот. Неговото апсење беше осудено од групите за граѓански права како напад на заштитениот политички говор.
Во интервју за Ројтерс неколку часа пред неговото апсење во саботата за критиките на Трамп кон студентските демонстранти, Калил рече дека е загрижен што бил цел на владата поради тоа што зборувал за медиумите.
Државниот секретар Марко Рубио ја сподели веста за апсењето на Калил на социјалните мрежи во неделата, додавајќи го коментарот:
„Ќе ги укинеме визите и/или зелените карти на поддржувачите на Хамас во Америка за да можат да бидат депортирани“. Тој не даде детали, а портпаролите на Рубио не одговорија на прашањата.
Одделот за домашна безбедност објави на социјалните мрежи дека го уапсиле Калил затоа што „водел активности поврзани со Хамас“, без да наведат детали. Портпаролите на DHS не одговорија на прашањата на Ројтерс.
Д. Мишев / Цивил Медиа