Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, на денешната прес-конференција ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ за неодговорно трошење на јавните пари, истакнувајќи дека во време на национална трагедија, се доделува тендер од 400.000 евра за спроведување на анкети.
„Во момент кога државата жали за загубата на 59 животи во Кочани, кога граѓаните и фирмите собираат донации за семејствата на жртвите, Владата на Мицкоски и ДПМНЕ склучува договор за испитување на јавното мислење. Наместо опрема за пожарникари или зајакнување на екипите за итни интервенции, приоритет им е рејтингот на Мицкоски“, изјави Костова.
Таа додаде дека тендерот за анкетите го добила агенцијата Маркет Вижн, која, според СДСМ, редовно спроведува истражувања што го прикажуваат Мицкоски како најпопуларен политичар.
„Додека работниците, лекарите и наставниците добиваат пониски плати од ветеното, пензионерите едвај врзуваат крај со крај, а младите ја напуштаат државата, Владата има пари само за мерење популарност и политичка пропаганда“, нагласи Костова.
Според неа, ваквата набавка е доказ дека Владата не ги става граѓаните во фокусот, туку сопствениот политички интерес. Таа потсети дека, како што тврди СДСМ, Владата не наоѓа средства за зголемување на платите, поголема финансиска поддршка за студентите или субвенции за струја и храна, но има пари за анкети.
„Дури и стипендијата за младиот херој Јован ја обезбедија приватни компании, а не Владата. Но, затоа 400.000 евра за анкети се пронајдоа веднаш“, додаде Костова, оценувајќи дека ваквото трошење е „режимска тактика за манипулирање на јавноста“.
СДСМ оцени дека ваквите политики покажуваат нефункционален систем кој мора да се промени.