Драмски театар-Скопје со претставата „Хеда Габлер“ на Хенрик Ибзен и во режија на Васил Христов утре ќе гостува во Тиват, Црна Гора, на Регионалниот театарски фестивал РУТА, кој се одржува од денеска до 12 април во организација на Центарот за култура Тиват.
Улогите ги играат актерите: Сања Арсовска (Хеда Габлер Тесман); Зоран Љутков (Судијата Брак); Владимир Петровиќ (Јерген Тесман); Дениз Абдула (Ејлерт Левборг) и Сара Климоска (Теа Тесман). Сценограф на претставата е Васил Христов и костимограф Розе Трајчевска-Ристоска.
Како што соопшти ДТС, гостувањето во Тиват ќе биде 12 изведба на претставата и второ гостување вон матичната сцена. Драмски театар со оваа претстава гостуваше на РУТА во Сараево во мај 2024 година и на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во јуни 2024.
Премиерата на „Хеда Габлер“ беше на 20 април 2024. Претставата е на редовен репертоар во Драмски и наредната изведба ќе биде на 24 април 2025.