Претставникот на СДСМ, Кристијан Дојчиновски, на прес-конференција упати директен повик до Јавното обвинителство, прашувајќи уште колку докази се потребни за институциите конечно да започнат истрага за, како што рече, криминалните тендери во земјава. Дојчиновски информираше дека досегашниот антикорупциски тим на опозициската партија успеал да разобличи сложена тендерска мрежа тешка над 100 милиони евра. Според неговите обвинувања, едни исти омилени фирми на власта во континуитет добиваат милионски договори низ државните институции и општините кои се под директна контрола на ВМРО-ДПМНЕ.
Како конкретен пример за оваа шема, од опозицијата излегоа со точни бројки за доделените јавни набавки. Дојчиновски посочи дека компанијата „Ленди Груп“ за само две години добила 74 тендери, фирмата „Пирамид Билдинг Солушнс“ се закитила со 51 тендер, додека претпријатието „Масев“ добило дури 93 тендери. Станува збор за вкупно повеќе од 200 тендери доделени на само овие три фирми, кои СДСМ ги квалификува како блиски до владејачката партија.
Опозицијата тврди дека оваа шема е дополнително надградена со вклучување на исти логистички партнери во речиси сите инфраструктурни и градежни процеси.
„Зад секој нивни тендер што го добиле речиси секогаш се појавуваат истите фирми за проектирање и надзор, а тоа се МГ Проект и МБМ Архитекти. Дали е сето ова случајно? Секако дека не е случајно. Сè е бизнис за Мицкоски и ВМРО“, изјави Дојчиновски, додавајќи дека Обвинителството не смее да остане пасивно кога станува збор за трошење на 100 милиони евра пари на граѓаните.
На крајот од прес-конференцијата, претставникот на СДСМ порача дека партијата нема да запре со процесот на разобличување на сите тендерски шеми, злоупотреби и сомнежи за корупција. Тој упати отворен повик и до пошироката јавност за заедничка борба, повикувајќи ги граѓаните масовно да продолжат да пријавуваат криминал и корупција на специјализираната дигитална платформа „www.micko.mk“, со ветување дека по промената на власта сите инволвирани ќе одговараат пред законите.







