ЕУ е во постојан контакт со украинските власти и ги поддржува во тековните преговори за постигнување мир, затоа што никој не сака мир повеќе од Украина и од Европската Унија, која е „проект за мир“, изјави денеска портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
– Но, Русија и натаму се обидува да ја потисне Украина и затоа гледате дека сите земји од соседството на Русија бегаат и очајно сакаат да и се приклучат на ЕУ и ние ги пречекуваме со раширени раце, истакна Хипер во одговор на новинарско прашање дали некој од ЕУ, која за себе вели дека е проект за мир, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас или претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен имаат некакви контакти со нивните руски колеги за постигнување мировен договор.
Хипер додаде дека Унијата се ангажирана со се што е во нејзина моќ за да обезбеди Украина да остане силна, токму за да може да постигне мир. Од друга страна, според неа, кога станува збор за претседателот на Русија, Владимир Путин, за него не може да се носат оценки врз основа на она што тој го говори, туку доволно е само да се погледнат секојдневните руски напади со проектили врз невини цивили, бомбардирањата и масакрите.
– Затоа е важно сега кога ги имаме овие преговори да ги поддржиме со сите напори за да обезбедиме Украина да биде ставена во позиција на сила. Затоа го правиме тоа и затоа ги имаме и сите 16 пакети санкции против Русија, и затоа работиме на 17-тиот, за да покажеме дека не го прифаќаме таквиот однос и исто така да и овозможиме на Украина да постигне траен, праведен и сеопфатен мир, додаде Хипер.
На повторното прашање дали претставници на ЕУ имаат некакви контакти со руските колеги, Хипер изјави дека тоа е се што има да каже на оваа тема и ако има нешто ново ќе соопшти дополнително.