Новинарот Такер Карлсон е озлогласен по ширењето на дезинформации од (про)руски извори низ американскиот медиумски простор, што како штетно странско влијание доаѓа и кај нас (примери: тука, тука, тука, тука и тука). Вангел Башевски во текст објавен на Вистиномер издвојува и анализира пет најбитни дезинформации на Карлсон.
Хрушчов не бил Украинец и тоа не била причината за трансферот на Крим
Ќе почнеме со најновиот случај на ширење дезинформации од страна на Карлсон, а тоа беше неговото интервју од 21.3.2025 г. со американскиот дипломат Стив Виткоф, кој е вклучен во преговорите за војната во Украина и кој е исто така пристрасен кон Русија.
Виткоф се осврна на регионите, кои Русија ги анектираше во Украина: Кримскиот, Донечкиот, Луганскиот, Запорошкиот и Херсонскиот, неточно тврдејќи дека месното население се изјаснило за тоа на референдуми, но под окупација тие не можат да бидат легитимни и тие беа отфрлени со резолуции на ООН (види: тука и тука). Сепак, Карлсон го поддржа Виткоф додавајќи:
Хрушчов, на некој начин, просто ги направи нив да бидат делови од Украина.
Не е точно дека советскиот лидер Никита Хрушчов ѝ ги одзел сите овие региони на Русија и ѝ ги предал на Украина, а Виткоф не само што не го коригираше Карлсон, туку се согласи со него. Во времето на Хрушчов, од руска под украинска власт бил префрлен само Крим, а Карлсон изнесе уште една неточност во врска со тој советски лидер:
Мислам дека Хрушчов бил Украинец
Зад ова, навидум, невино изразување на мислење, стои дезинформација која датира од 2014 г., а нејзината цел е да ги обвини Украинците за неправда нанесена кон Русија и да ја оправда нејзината илегална инвазија и анексија на Крим, која се случи во таа година.
Меѓутоа, анексијата од 2014 г. не беше праведно враќање на Крим во составот на Русија, туку реокупација на Крим од нејзина страна. Русија го зазела Крим во 1783 г. од Кримските Татари, кои потоа ги гонела, сведувајќи ги на малцинство и заменувајќи ги со етнички Руси. Кримските Татари дури имале заеднички обид со Украинците да се ослободат од руската власт во 1918 г.
Хрушчов не бил Украинец. Тој бил од Курската Област на Русија, а според него и неговите блиски, тој бил Русин. Неговото родно село е близу Украина, но тој го опишал како етнички руско, а тоа што тој работел во Украина и во даден период раководел со неа не го прави Украинец, иако на шега него го нарекувале така и нему му се допаѓал украинскиот фолклор. Раководителите на советските републики не морале да бидат припадници на титуларните нации на тие републики.
Официјалното објаснување за трансферот на Крим во 1954 г. била територијалната, стопанската и инфраструктурната врска со Украина, а некои сметаат дека тоа било потребно за развој на Крим, кој под руска власт бил запуштен, особено по Втората светска војна и прогонот на Кримските Татари.
Други сметаат дека целта била и измена на демографијата на Украина со вклучување во неа на значителен број на етнички Руси, а тука влијаела и лажната увереност дека СССР нема никогаш да се распадне и дека Украина и Русија вечно ќе бидат заедно.
Украина не им продава оружје на мексикански наркокартели
Во својот поткаст од 10.2.2025 г. Карлсон изјави:
Втор факт. Факт, а не нагаѓање, туку факт е дека украинските вооружени сили препродаваат огромен процент, до половина од оружјето кое им го испраќаме. Половина! И тоа не го нагаѓам, туку знам сигурно дека тоа е факт. Факт, во ред? Не шпекулација. И, тие тоа го продаваат и многу од тоа завршува кај наркокартелите на нашата граница.
За ова Карлсон не нуди доказ, иако се расфрла со фрази од типот: „Тоа е факт“, кои сами по себе не докажуваат ништо. Со оваа тема се бавеле повеќе аналитичари: тука, тука и тука, а тие обвинувања за Украина се темелат врз вест од мексикански медиум за наркокартелите и нивното вооружување, која била извитоперена од руските пропагандисти. Украина во веста се споменува, но не како извор за тоа оружје, туку само како земја во која се користи такво оружје.
Нема доказ дека Украина продава оружје на мексикански наркокартели, што заради оддалеченоста би било пресложено и неисплатливо, а и преризично, зашто тоа би можело да биде откриено, што би било штетно по угледот на Украина и нејзината кауза.
И, Украина од САД главно добиваше тешко вооружување (ХИМАРС, НАСАМС, Патриот, Абрамс и сл.), кое не би вршело работа за некакви наркокартели. Сепак, Карлсон го додава и следново:
Нашите разузнавачки агенции се потполно свесни за ова. Зарем ќе ми тврдите дека тие не профитираат од ова, зарем мислите дека ЦИА не профитира од ова? Да, тие тоа го прават. Не можам да го докажам тоа, но верувам во тоа.
Карлсон тука ги обвинува дури и самите американски разузнавачки служби за вмешаност во таа трговија со оружје, кое САД им го даваат на Украинците, што нема некоја логика. Притоа, Карлсон повторно не нуди никаков доказ и дури признава дека не го поседува.
И, згора на сè, на власт во САД сега е Доналд Трамп, кој е миленик на Карлсон и кој е критичен кон Украина и пристрасен кон Русија, а и воинствено настроен против мексиканските наркокартели, па зошто Трамп не ја спречи таа трговија и не ја обелодени?
Она за што има индиции е тоа дека во Украина има поединци и групи, кои во тој воен хаос крадат понешто оружје и се обидуваат да го продадат, но украинските власти главно се справуваат со тој проблем и тој не е дотолку голем за да дојде дури до прагот на САД.
Тој проблем е „напумпан“ од страна на руските пропагандисти, за кои се смета дека дури и самите објавуваат такви огласи на т.н. дарквеб (криминален сегмент од интернетот, кај што се продава дрога, оружје и сл.), со цел за тоа да ги оцрнат Украинците, а нема логика тие да го продаваат оружјето кое им е потребно за нивната одбрана и опстанок.
Зеленски не е диктатор
Во интервјуто со британскиот новинар Пирс Морган од 31.1.2025 г., Карлсон го осуди Володимир Зеленски како „диктатор“, тврдејќи дека тој не бил демократски избран. Но, Зеленски беше демократски избран за претседател на Украина во 2019 г., а тоа што тој остана на власт и по истекувањето на мандатот не е диктатура, туку се темели врз чл. 11, став 3 од Законот за воена состојба, согласно кој мандатот во таква состојба се продолжува, а согласно чл. 19, став 1, избори притоа не се одржуваат. Во полза на тезата дека Зеленски е „диктатор“, Карлсон вели и дека:
Тој исто така забрани религиозни деноминации.
Тој забрани јазична група, а сето тоа ми личи на карактеристика на диктатура.
Тука Карлсон го премолчува фактот дека Украинската православна црква (УПЦ) до неодамна беше под јурисдикција на Московската патријаршија, која ја поддржува руската агресија, па во УПЦ има елементи на „петта колона“ и затоа украинските власти ѝ поставија законски рок таа да се реформира, затоа што, во спротивно, таа ќе биде забранета.
И, спротивно на она што го сугерира Карлсон, Зеленски не го забранил рускиот јазик, а неговата слободна употреба е гарантирана со чл. 10 од уставот на Украина. Вистина е дека имаше контроверзи околу еден закон, кој премногу го привилегираше рускиот јазик во одредени региони на Украина, па многумина беа за негово укинување, околу што веќе сме пишувале, но тоа не значеше забрана на рускиот јазик.
Во Украина беа спроведени и законски мерки за доминација на украинскиот јазик над рускиот, затоа што под јаремот на Руската империја украинскиот јазик бил угнетуван, а под СССР бил перфидно потиснуван во полза на рускиот, што продолжило дури и во самостојна Украина под водството на проруски политичари како Виктор Јанукович.
Во интервјуто со Морган, Карлсон вели и дека Зеленски:
Ги убива своите политички опоненти.
Нешто слично Карлсон изјави и во еден свој твит од 1.3.2025 г.:
Украинците исто така убија одреден број на луѓе во разни земји во политички убиства и се обидоа да убијат и други, вклучително американски новинари и европски шеф на држава. Сето ова е вистина и сето тоа ќе излезе на површина во некој момент. Подобро е сега да почнеме да го обвинуваме Зеленски за тоа.
Наместо тоа да го поткрепи со докази, Карлсон порачува дека „сето тоа е вистина“ и дека „тоа ќе излезе на површина во некој момент“, што е под секое ниво на аргументација.
Тој ја обвинува Украина и за убиството на прорускиот пропагандист Џејми Вајт, но според сите индиции, тој бил убиен од криминалци крај неговиот дом во Остин, Тексас. Карлсон ја обвинува Украина и за смртта на прорускиот пропагандист Гонзало Лира, инаку државјанин на Чиле и САД. Тој бил приведен во Украина за оправдување на руската агресија, по што требало да лежи во домашен притвор, но тоа го прекршил со обид за илегален премин на границата со Унгарија. Лира бил фатен и завршил во реален притвор, кај што, наводно, заболел и починал, што е контроверзно, но нема цврст доказ дека бил убиен.
Западните новинари не го игнорирале Путин
Карлсон е првиот американски и општо западен новинар, кој го интервјуираше Владимир Путин по сеопфатната инвазија врз Украина, која драстично ги влоши односите меѓу Русија и Западот. Карлсон тврдеше дека западните новинари го игнорирале Путин и не му давале шанса да се искаже, што, наводно, за првпат му го овозможил Карлсон. Но, тоа го демантираше портпаролот на Путин, Димитри Песков, кој откри дека барања за интервјуа од западни новинари имало, но дека тие биле одбивани како „необјективни“, што го потврди и новинарката Кристијана Аманпур.
Украина не произведува биолошко оружје
Карлсон ја шири и теоријата на заговор дека Украина со помош од САД произведува биолошко оружје, но службеници на ООН негираат такво нешто. Лаборатории за такво оружје реално делувале во бившиот СССР, но по неговиот распад, САД им помагале на екссоветските републики да ги контролираат опасните вируси во нивните лаборатории. САД и Украина потпишале договор за тоа, но тој не е за производство на биолошко оружје. САД помагаат такви лаборатории и за научни цели и за борба против болести, а такви лаборатории има и во Русија и во нив беа развивани вакцини против ковид.