Блокадата на зградите на Радио-телевизија на Србија (РТС) од синоќа влезе во осмиот ден, и како што е најавено, ќе трае се додека не се распише нов конкурс за членови на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), или додека РТС не „згасне“, јави МИА од Белград.
Студентите во блокада и граѓаните кои ги поддржуваат и утрово се пред зградите на РТС во центарот на Белград, на улицата Таковска и на Кошутњак.
Jавниот медиумски сервис сe уште не емитува редовна програма. Утринскиот дневник повторно беше реализиран како серија снимени прилози, без спикер во студио, а содржеше и избрани снимки од други телевизиски станици.
Министерот за евроинтеграции во Владата на Србија, Немања Старовиќ изјави дека блокирањето на РТС е апсолутно неприфатливо и такво нешто би било незамисливо во ниту една европска земја – да се врши притисок врз повеќе од 1.000 вработени и новинари и технички лица и да им се ускратат основните човекови и економски права
Тој додаде дека загрижувачки се реакциите на професионалните новинарски здруженија во овој случај.
„Загрижувачки се млаките реакции од професионалните здруженија, зборувам за Здружението на новинари на Србија и за независното здружение на новинари на Србија, а благите реакции што доаѓаат од самата Европска комисија се многу разочарувачки“.
„Се знае како се спроведуваат протести, а тоа не е блокирање на луѓето и создавање нешто што, за жал, не потсетува на заложничка криза во која се наоѓаат работниците на РТС“, посочи тој.
Студентите во блокада од Филозофскиот факултет одговорија дека не спорат дека на работниците на РТС им се ускратени основните човекови права, но не поради блокадата.
„На Старовиќ му укажуваме на следново: не се ускратуваат со блокирање на зградите на јавниот медиумски сервис, туку со ускратување на елементарното право на достоинствена работа што со децении им е ускратено на работниците во оваа компанија“, наведуваат студентите во објавата на социјалната мрежа Икс.
Тие додаваат дека со негирање на можноста за критичко размислување и постапување, бројни малверзации, заплашување и изложување на големи притисоци на вработените во јавниот медиумски сервис, се крши тоа основно човеково право.
„Затоа, целта на оваа акција е да се поддржат работниците и борба за нивните права што им се одземени на нивните работни места“, изјавија студентите.
Вработени во Радио телевизијата на Србија (РТС) собрани околу неформалната организација „Наш протест“ соопштија дека ги загрижува фактот што никој од раководството на јавниот сервис официјално не им се обратил од почетокот на блокадата на медиумот. Тие додаваат дека бараат утврдување одговорност за навреда кон студентите во програмата и оставка од одговорните за тоа.
Вработените во РТС во соопштението потенцираат дека немаат никакви упатства како да го остварат своето право на работа во оваа кризна состојба.
Тие го повикаа раководството итно да ги контактира со јасни упатства.
„Бараме да ги соопштите имињата и презимињата на лицата кои ги уредуваат вестите откако започна блокадата на зградите на РТС и емитувањето на програми од друга локација“, се вели во соопштението.
„Бараме од главниот уредник на Вести Ненад Љ.Стефановиќ и неговите помошници Горислав Папиќ и Зоран Станојевиќ итно да не известат кој е авторот на текстот во кој студентите во блокада ги споредуваат со нацистите, прочитан во „Дневник“ на 16 април“, се додава во соопштението.
Вработените прашуваат кој од уредниците одобрил текстот да се прочита?
„Бараме итно утврдување на имињата на авторите и уредниците и нивна итна оставка“, заклучува таа група вработени во РТС во соопштението.
Студентите во блокада ги блокираат влезовите на РТС во центарот на Белград и на Кошутњак од минатиот понеделник.
Новиот српски министер за информации Борис Братина во својата велигденска честитка ги повика надлежните органи да ја деблокираат РТС бидејќи нејзиниот пад е исто како и државен удар.
„Пад на РТС под притисок на блокаторите би имал значење на „државен удар“, односно пад на општествениот поредок“, се нагласува во соопштението потпишано од новиот министер за информации Борис Братина.
РТС, поднесе кривична пријава во петокот до Првото основно јавно обвинителство во Белград против непознати лица кои се претставуваат како студенти во блокадата, кои од 14 април блокираат објекти на медиумот во главниот град на Србија.